• недела, 22 декември 2024

Николоски: И да има уставни измени за шест месеци ќе следи ново бугарско вето

Николоски: И да има уставни измени за шест месеци ќе следи ново бугарско вето

Скопје, 25 септември 2023 (МИА) – Доколку пројдат уставните измени под бугарски диктат, а нема да пројдат, ве уверувам дека за најмногу шест месеци потоа ќе следи бугарско вето заради работата на Историската комисија, која е дел од преговарачката рамка, порача вечерва потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски.

Нагласи дека преговорите во Историската комисија се „како да се преговара со пиштол на чело“ и додаде дека бугарскиот дел од Комисијата само доставува мислење за одреден дел од историјата и му порачува на македонскиот прифатете или не.

-Досега во преговорите во Комисијата нема ништо екстремно заради тоа што има луѓе со интегритет во македонскиот дел од комисијата, но кога ќе почнат преговорите со ЕУ од бугарскиот дел на комисијата ќе им речат или прифатете го ова или следи вето, рече Николоски во интервју  за „360 степени“ на МРТ 1.

Тој, во интервјуто сподели материјали за кои тврди дека се дел од тајна комуникација меѓу поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, претседателот на Собранието, Талат Џафери, и уште едно лице. Притоа, Николоски покажа уесбе, за кое тврди дека е она што деновиве го спомнуваше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, а сподели и три испечатени страници А4-формат за кои вели дека се содржината од уесбето.

Според Николоски, тоа се докази дека веќе подолго време поранешниот претседател на партијата Никола Груевски е дел од сценарио за ослабување на ВМРО-ДПМНЕ.

-Ова е тоа фамозно уесбе-стикче на коешто ги има измените на КЗ. Овие измени се доставувани до Али Ахмети, Талат Џафери и трета адреса од страна на поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, рече Николоски.

Укажа дека има јасна трага од каде е уесбето.

-Самото тоа што текстот од усебето одговара на поминатиот текст во Собранието дава индиции, рече Николоски.

Потсети дека на комисиската расправа за Кривичниот законик кажал дека од овој закон има корист власта и поранешни структури од претходната власт.

-Корист има Оливер Спасoвски или нема да одговара за набавката на чизми во МВР, Васко Ковачевски нема да одговара за барањето мито од 250 илјади евра во РЕК Битола, се подобрува положбата на Мухамед Зеќири, Драги Рашковски, потоа застареност ќе има на многу дела на Зоран Заев, истакна Николоски.

Активностите на Никола Груевски, како што кажа, траат околу година и половина, а добиле на интензитет од февруари годинава. Комуникацијата со него ја поттикнале, пред сè, од политичката партија ДУИ, а потоа и СДСМ.

Првично, според Николоски, планот бил да се привлечат пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кои би гласале за уставните измени.

-Откако таа варијанта не успеа, акцијата се одвива со цел да се ослаби резултатот на ВМРО-ДПМНЕ на следните избори. Сите се свесни дека ВМРО-ДПМНЕ ќе освои најмногу пратеници на изборите, но се прави обид резултатот да биде таков за да не може сама да прави влада, рече Николоски и додаде дека во такво сценарио ВМРО-ДПМНЕ би биле уценувани – дали за уставни измени, дали за ДУИ да продолжи да владее како досега или за нешто друго.

Николоски додаде дека во објавите на Никола Груевски нема збор за францускиот предлог до обзнанувањето на тоа што се случува зад сцената од актуелниот претседател на партијата Христијан Мицкоски.

-Некој нека направи анализа, затоа што тој  извади дури и книга од фејсбук-статуси, дали од објавувањето на францускиот предлог до обзнанувањето од наша страна на тоа што се прави зад сцената, има кажано збор за францускиот предлог или за барањето да се промени Уставот. Јас ќе ви кажам – збор нема кажано, рече Николоски.

Посочи дека до партијата стигнуваат и други информации.

-Јас можам да споделам два детали со јавноста. Прво, се случуваа оваа година една прослава од годишнината на НАТО и потоа се случува средба кај претседателот Пендаровски каде се врвните луѓе од власта на која една од темите е ова сценарио, и се разговара за промена на името и се кажува за една слична акција за промена на Уставот успеала и оти по таа аналогија можеби треба и сега, прв го покренува тоа како прашање Али Ахмети и затоа Пендаровски беше до пола искрен кога кажа дека од него е барано, ама не кажа кој. Втора работа се измените на КЗ. Ние спомнавме дека имаме докази, еве има и уесбе на кое ги има измените и ако ги прочитате измените на КЗ и истите се доставувани од страна на поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ до Али Ахмети, Талат Џафери и трета страна. И ако ги прочитате измените за членовите 353 и 394, злоупотреба на службена должност и злосторничко здружување тоа се предлози за измени кои се исти како оние кои стигнаа во Собранието, рече Николоски.вј/лв/

Фото: Принтскрин

 

 

 

Остани поврзан