• петок, 05 декември 2025

Николоски: Во Крушево ќе се гради спортска сала и обиколница, ќе ги рехабилитираме и патиштата

Николоски: Во Крушево ќе се гради спортска сала и обиколница, ќе ги рехабилитираме и патиштата

Скопје, 31 октомври 2025 (МИА) - На Крушево му треба развој, туризам и нови проекти. Со идниот градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ Нико Чонески, ќе го развиеме градот, ќе изградиме обиколница, нова спортска сала и ќе ги реконструираме патните правци кои го поврзуваат Крушево, истакна денеска потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, на средби со граѓани во Крушево.

Николоски најави дека преку Јавното претпријатие за државни патишта во Крушево ќе се реализираат четири проекти.   

- Мене ми е драго што имаме бројни реализирани проекти и проекти во најава. Сакаме да направиме инфраструктурен бум овде во Крушево, за да може економски да се развива. Можам да најавам дека преку ЈП за државни патишта ќе имаме четири големи проекти. Едниот е целосна рехабилитација на регионалниот пат од Кривогаштани до Крушево, вториот е рехабилитација на регионалниот пат кој што оди од Долно Сладуево до Крушево во должина од 20 километри, ова е делот од Демир Хисар кога се доаѓа кон Крушево. Третиот е целосно асфалтирање на патот од Пуста Река, село на територија на Крушево до село Цер на општина Кичево. Ова се работи кои ќе ги работи ЈПДП што практично значи дека двата влеза кои ги има градот ќе бидат целосно рехабилитирани за полесно да се доаѓа до градот, потенцираше Николоски.

Како што додаде Николоски, преку Министерството за транспорт се работи и на локални улици во градот, а следуваат и нови проекти преку поддршката од Владата.

- Тоа се улиците Кочан Миленку и Манчу Матак. Таму проектот завршува, очекуваме следната недела веќе да поставиме хоризонтална и вретикална сигнализација и да го пуштиме во употреба и ова многу ќе значи за жителите кои гравитираат кон тие улици. Од првиот повик тука е реконструкцијата на општинскиот пат од село Врбец до Митрени, како и реконструкцијата на патот во село Јекреново, а од вториот повик со идниот градоначалник ќе реализираме пристапна улица до ски терените во Крушево, што многу ќе помогне за развој на туризмот и подобрување на ски сезоната. Исто така, и обиколница која е многу години ветувана и никој не ја реализирал. Првата фаза е во вредност од милион евра и заедно со идниот градоначалник ќе ја реализираме, изјави Николоски.

Тој најави и изградба на мултифункционална спортска сала со основна намена за подготовки на националните репрезентации во различни спортови. 

Како што истакна, во Крушево доаѓаат промените.

- Со градоначалникот ќе работиме на други бројни проекти кои следуваат. Јас сум убеден дека ќе имаме голема победа во недела, дека ќе се случат промените во Крушево како што лани се случија на ниво на цела држава и дека ова владеење на СДСМ и ДУИ ќе добие точка и во Крушево и заеднички ќе ја развиваме општината, потенцираше потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Николоски. лв/дма/

фото: Центар за комуникации ВМРО-ДПМНЕ 

Остани поврзан