• недела, 22 декември 2024

Николов: Граѓаните на Македонија кои го финансираат здравството не можат да најдат лек и термин за преглед, ама Меџити ќе ги лечел лицата од странство

Николов: Граѓаните на Македонија кои го финансираат здравството не можат да најдат лек и термин за преглед, ама Меџити ќе ги лечел лицата од странство

Скопје, 9 јуни 2023 

И во овие изминати 100 дена од назначувањето на четвртиот по ред министер за здравство, во Владата на ДУИ и СДСМ уште еднаш се потврди дека за оваа однародена власт, секторот здравство е ставен на маргините и никогаш не бил приоритет.

Политички пазар и калкулации при избор на директори, немање пристап до здравствена услуга за пациентите, деградирање на здравствените работници, здравство кое само повремено се закрпува со донации. Видовме дека дури и за кревети во клиники и болници се чекаат донации. При отворање на хируршка сала направена со кредит, поважно е кој бил поканет да сече лента отколку тоа кој ќе остане да работи на клиниката.  

Една од главните причини за свесното поткопување на јавното здравство е НУЛА инвестиции во човечкиот потенцијал, па секој ден сме сведоци како директори со години ги молат надлежите институции да им обезбедат согласности за вработување.

Ниту по цели две години нема решение за проблемот за недостиг на 100-тина здравствени работници во штипската клиничка болница, исто толку недостасуваат и во битолската болница, 10 специјалисти недостасуваат на Институтот за радиологија  каде се вршат дијагностички процедури, а третманот на пациентите е клучно да започне во што порана фаза.

Наместо тоа заради недостиг на кадар граѓаните со месеци чекаат да дојдат најпрво до термин, па потоа и да дојдат до резултат, а речиси и да не постои здравствена установа во која нема недостиг на медицински сестри. Целосно отсуство на стратегија за кадар кој лекува, а со ваквиот несериозен пристап штетата ќе биде на долг рок ако се земе во предвид дека за готов специјалистички кадар се потребни и до неколку години.

Додека нема пристап до здравствени услуги и нашите граѓани не можат да дојдат до здравствена услуга,  властите иако без решенија за проблемите на нашите граѓани кои плаќаат осигурување секој месец без разлика дали користат или не здравство, одлучија повеќе да се грижат како лица од други држави да плаќаат за услуга како и македоснките граѓани. Нејасно е колку оваа мерка ќе ги чини македонските граѓани и како ќе се дојде до тие пари во македонското здравство и како македонските пациенти ќе се лекуваат во здравството.

Низата на проблеми, стратешки грешки не се намалува и покрај назначениот четврт министер за  здравство. Токму поради тоа оваа влада мора да замине што поскоро и да започне процес на обновување на различните сегменти во државава.

Игор Николов, претседател на комисија за здравство на ВМРО-ДПМНЕ

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

фото ВМРО-ДПМНЕ

Остани поврзан