• понеделник, 23 декември 2024

Николовски: Регионот да го гледа земјоделското производство како заедничка шанса за настап на европскиот пазар

Николовски: Регионот да го гледа земјоделското производство како заедничка шанса за настап на европскиот пазар

Скопје, 1 јуни 2023 (МИА) - Ние сите заедно, целиот балкански регион, треба да го гледаме земјоделското производство како заедничка шанса за настап на пазарот на ЕУ. Имаме идеални климатски услови и треба да го искористиме тоа што ни го дала приодата. Но, за успех е потребно да настапиме заедно со позначајни количини на стандардизирани производи, рече денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски на конференцијата „Grow Up“ што се одржува на Копаоник.

- Нашите држави во одредени потсектори – градинарство, овоштарство, лозарство, произведуваат релативно мали количини со нестандардизиран квалитет, поради што не можеме да ги исполниме барањата на европскиот пазар по однос на количини и стандарди. Доколку ова го промениме, доколку се здружиме и настапиме заедно, тогаш ЕУ пазарот ќе биде отворен за нас, изјави  Николовски.

Тој се осврна на ИПАРД и на поддршката од ФАО. Реализираме, истакна министерот, многу проекти, но ако не се сменат навиките на земјоделците, ако не се произведува квалитетно и доволно, не може да се очекува успех.

- Европската Унија е стратешки партнер на Северна Македонија. Јас сум од новата генерација политичари која одлучи да носи храбри одлуки. Нашиот пат е отворен. Европската делегација не поддржува со многу проекти кои се финансирани токму од ЕУ. ИПАРД е нашата успешна приказна, со максимална искористеност на средствата. Лидери сме и во процесот на консолидација на земјоделско земјиште што го спроведуваме со поддршка од ФАО. Имаме и други европски проекти со фокус на земјоделството, но ако не ги промениме навиките на нашите земјоделци, ако не произведуваме според стандардите, тогаш не можеме да очекуваме успех. Мораме да произведуваме и во доволни количини и со задоволителен квалитет, подвлече министерот Николовски.

Тој во оваа прилика го потенцираше успехот на Северна Македонија во винскиот сектор и го дефинираше виното како производ кој е одлично препознаен на светските пазари.

На конференцијата учествуваат регионалниот директор за агробизнис секторот на ЕБРД за централна и југоисточна Европа, Миљан Ждрале, претставници на бизнис секторот, државни институции, прехранбената индустрија и експерти во областа на агросекторот. Темата на панелот на кој говореше министерот Николовски беше „Регионалната поврзаност како можност за развој“. За време на дискусијата панелистите го искажаа своето видување за местото и улогата на агросекторот, можноста за заеднички настап на ЕУ пазарите, во кои производни капацитети треба заеднички да делува регионот и која е улогата на најзначајните производи  од балканскиот регион кои се препознаени како предност на пазарите.

Во однос на заедничкиот настап на европските пазари, панелистите се согласија дека балканскиот регион има голем потенцијал, но мора да се прилагоди на стандардите кои се применуваат во европските земји. Тие беа едногласни и во ставот дека Отворен Балкан треба да се гледа како подготовка за влез во Европската Унија

Во рамките на конференцијата, министерот Николовски оствари средба со заменик регионален претставник на ФАО за Европа и Централна Азија, Набил Ганги. На сребата министерот Николовски ги потенцираше резултатите од досегашната соработка и се заблагодари за успешната реализација на проектите кои Министерството за земјоделство ги спроведува со поддршка од ФАО. мч/сп/

фото: МЗШВ

Остани поврзан