• понеделник, 23 декември 2024

Николовски - Оздемир: Голема поддршка од Германија за „зелената агенда“ на Северна Македонија

Николовски - Оздемир: Голема поддршка од Германија за „зелената агенда“ на Северна Македонија

Скопје, 3 октомври 2023 (МИА) - Поддршка за реформите во шумарството, унапредување на органското производство преку иновативни технологии и поголема трговска размена, договорија денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и германскиот сојузен министер за земјоделство и храна, Џем Оздемир.

На билатералната средба што се одржа во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, стана збор и за Декларацијата потпишана во Софија, како и за Акцискиот план во рамки на „зелената агенда“.

Оздемир рече дека сака да ја види земјава што поскоро во ЕУ, а Николовски се заблагодари за институционалната поддршка на Германија која доаѓа, како што истакна, во клучни моменти на подготовка на државата за преговори во најголемиот кластер и во најтешките и најобемни поглавја: за земјоделство, безбедност на храна и рибарство. Овој кластер, изјави Николовски, опфаќа 40 проценти од целокупните преговори и документи што треба да ги хармонизира земјава со европското законодавство. 

-Денеска договоривме голема поддршка од германското федерално Министерство во рамки на „зелената агенда“, на она што е клучна цел, а тоа се шумарството и реформите што ги почнавме во овој сектор. Голема поддршка од ЕУ прв пат доаѓа во делот на шумарството со почнувањето на големиот проект за реформа од март, а еве и уште посилна јасна поддршка од Германија во делот на „зелената агенда“. Разговаравме и за унапредување на билатералната соработка. Извозот на македонските земјоделски производи во Германија постојано расте особено по 2020 година, по КОВИД-кризата, но секогаш има простор за уште поголема трговска размена, особено кога зборуваме за многу пријателски, отворени партнери и особено кога станува збор за наш стратешки партнер како што е Германија, истакна Николовски.

Тој го информира Оздемир за тековните проекти кои се поддржани од Германија преку германската Развојна банка.

-Досега се реализираа два проекта на околу 4 400 хектари - нов систем за наводнување, но и шест милиони евра што ги добивме како грант токму за реализација на проектот за реализација на Јужновардарска Долина, за системот за наводнување, меѓутоа и за она што следи, а тоа е во следните неколку недели потпишувањето на новиот договор за новата програма за наводнување на Северна Македонија каде што има четири големи системи за наводнување во вкупна вредност од над 100 милиони евра каде што исто така имаме грант поддршка од германската Развојна банка. Ова говори за многу облици на соработка и многу облици на поддршка што ги добиваме токму од Германија, една од најстарите членки на ЕУ, рече Николовски.

Германскиот министер ја истакна соработката меѓу двете земји во рамки на аграрно-политичкиот дијалог и го поздрави тоа што Северна Македонија ја усвои „зелената агенда“ за Западен Балкан која е во согласност со Зелениот договор на ЕУ .

-Станува збор за одржливо земјоделство помеѓу Германија и Западен Балкан во соработка со Постојаната работна група за рурален регионален развој во која учествуваат и претставници од ова Министерство, како и експерти и можам да кажам дека тие навистина дадоа голем придонес во овој аграрно-политички дијалог. Ме радува многу што дознав дека во соработка со аграрно-политичкиот дел се донесе нов Закон за вино, а ќе стане збор и за одржлива трансформација на прехранбените системи. Соработката што постои помеѓу Северна Македонија и СР Германија е навистина блиска. Ме радува многу што Северна Македонија ја усвои „зелената агенда“ за Западен Балкан која е во согласност со Зелениот договор на ЕУ и што зацрта цел да развие макроекономија која ќе биде климатски неутрална, климатски отпорна и која ќе има ефикасни ресурси, подвлече Оздемир. 

За време на престојот во земјава, Оздемир ќе има можност да посети винарија, да проба македонски производи и да запознае млади земјоделци, како и жени фармери. Денеска, тој ќе се обрати на првиот академски час на Факултетот за земјоделски науки и храна (ФЗНХ) и заедно со Николовски ќе учествува на средбата на деканите и продеканите од Асоцијацијата на факултетите за земјоделските науки од Југоисточна Европа што ќе се одржи на ФЗНХ. мч/нд/

Фото: МИА и МЗШВ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан