• сабота, 23 ноември 2024

Доделени договорите за поддршка на малите производители на храна од животинско потекло

Доделени договорите за поддршка на малите производители на храна од животинско потекло

Скопје, 13 јули 2023 (МИА) - Грант до 10 илјади евра ќе добијат малите производители на храна од животинско потекло кои денеска во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги потпишаа договорите. 

Во следните 10 дена тие ќе ги добијат авансно парите, а во рок од 45 дена ќе треба да ја набават опремата и да го реализираат деловниот план за којшто аплицирале.  Деведесет проценти од средствата се наменети за набавка на опремата што им е потребна, а 10 проценти, односно 60 илјади денари се наменети за стручните лица кои ќе го следат процесот на производство.

- Она што особено ме радува е што договорите што ги доделуваме денес, како и претходно договорите за мали старт ап винарии, ќе се реализираат во различни села во сите региони во државата – во Тетово,  Кичево, Прилеп, Будинарци, Берово, Петровец... Во сите региони во државата ќе се реализираат овие инвестиции и ќе се родат нови брендови на македонски сирења, македонски кашкавали и други типови на производи, изјави денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Оваа програма, како што посочи, е континуитет на сериозни политики да се реформира целокупниот сектор и да фаворизира создавањето на финални домашни земјоделски производи.  

Николовски изрази задоволство од тоа што има успех во спроведувањето на политиките во делот на сточарството кои се насочени кон стопирање на падот во оваа гранка. 

- За првпат сточарите ги добија субвенциите навреме, за првпат до 30 јуни заврши целокупната исплата на основните плаќања и во сточарството, рече Николовски, додавајќи дека повикот за набавка на високо педигриран добиток ќе биде со значително поголема поддршка од 70 проценти преку Програмата за инвестиции на руралниот развој. Задоволен е и од исплатата на субвенциите за предадено млеко бидејќи од наследени 14 неисплатени фази, сега се сведени на три и се надева дека со комплетирањето на исплатите, ќе се влезе во редовна исплата на субвенциите.

Најави дека во август ќе започне и имплементацијата на ИПАРД 3 Програмата со најголем буџет досега за модернизација на земјоделството.

- Прва земја од регионот сме која може да се пофали дека оваа година ќе го започне ИПАРД 3. Ниту една друга нема да го започне оваа година, а тоа значи анимирање на сите земјоделци, во овој случај на сточарите се со цел максимално, како и досега, искористување на овие 120 милиони евра неповратни европски средства што ги имаме на располагање, рече Николовски. бак/ев/

Фото: МИА архива

 

 

 

Остани поврзан