• недела, 22 декември 2024

Никарагва ја тужи Германија пред Хашкиот трибунал затоа што „овозможила геноцид“ врз Палестинците

Никарагва ја тужи Германија пред Хашкиот трибунал затоа што „овозможила геноцид“ врз Палестинците

Хаг, 8 април 2024 (МИА) – Германија денеска се соочува со обвиненијата од Никарагва пред највисокиот суд на ОН во Хаг дека „овозможила извршување на геноцид“ врз Палестинците со давање воена и политичка поддршка на Израел.

Никарагва ја тужи Германија пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), барајќи од судиите да преземат итни мерки за да го спречат Берлин да го снабдува Израел со оружје и друга помош.

Себастијан Фишер, портпарол на германското Министерство за надворешни работи, пред сослушувањето ги отфрли обвинувањата на Никарагва.

- Германија не ја прекрши ниту Конвенцијата за геноцид, ниту меѓународното хуманитарно право и тоа целосно ќе го докажеме пред Меѓународниот суд на правдата, изјави Фишер.

Никарагва денеска ќе ги изнесе своите аргументи, а Германија треба да одговори утре. Во судскиот поднесок од 43 страници, Никарагва тврди дека Германија ја прекршува Конвенцијата за геноцид на Обединетите нации од 1948 година, усвоена по Холокаустот.

„Со испраќање воена опрема и сега укинување средства на УНРВА (Агенција на ОН за палестински бегалци) … Германија го олеснува извршувањето на геноцидот. Неуспехот на Германија е уште повеќе за осуда ако се земе предвид дека Германија воспостави привилегирани односи со Израел, што би и овозможило позитивно да влијае на однесувањето на земјата“, се вели во поднесокот.

Никарагва побара од МСП да донесе одлука за „привремени мерки“ – итни наредби издадени додека судот разгледува поширок случај. „Императив и итно е“ судот да нареди такви мерки имајќи предвид дека животите на „стотици илјади луѓе“ се загрозени, се наведува во аргументите на Никарагва.

МСП е основан за да ги решава споровите меѓу нациите и стана клучен играч во војната меѓу Израел и милитантите на Хамас што избувна по терористичките напади на 7 октомври. Во друг случај, Јужна Африка го обвини Израел дека извршил геноцид во Појасот Газа, што Израел жестоко го негира.

Во тој случај, судот му нареди на Израел да стори сè што е во негова моќ за да спречи геноцидни дејствија, а неодамна го заостри својот став, наредувајќи дополнителни мерки со кои Израел го обврзува да го зголеми пристапот до хуманитарна помош.

Судските одлуки се обврзувачки, но немаат механизам за извршување. На пример, Судот и нареди на Русија да ја запре инвазијата на Украина, но безуспешно. Никарагва побара пет привремени мерки, вклучително и Германија „веднаш да ја прекине помошта за Израел, особено воената помош вклучувајќи воена опрема“.

Исто така, го повикува судот да и наложи на Германија да ја „поништи својата одлука да го прекине финансирањето на УНРВА“. Германија во јануари соопшти дека го стопира финансирањето во очекување на истрага за израелските наводи дека неколку членови на персоналот на УНРВА биле вмешани во терористичкиот напад на 7 октомври.

Никарагва напиша во поднесокот дека „може да биде разбирливо“ Германија да поддржи „соодветен одговор“ на нејзиниот сојузник Израел на нападите на Хамас во октомври, „но тоа не може да биде изговор за дејствување спротивно на меѓународното право“.

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок во петокот рече дека Израел нема „повеќе изговори“ за одложување на помошта за Газа. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан