• сабота, 13 април 2024

Ковачевски за МИА: Очекувам регуларни и демократски избори, не исклучувам можност од странски мешања преку дезинформации и хибридни активности

Ковачевски за МИА: Очекувам регуларни и демократски избори, не исклучувам можност од странски мешања преку дезинформации и хибридни активности

Скопје, 17 февруари 2024 (МИА) - Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски во интервју за МИА вели дека од институционален аспект очекува регуларни и демократски избори, но не ја исклучува можноста од странски мешања преку дезинформации и хибридни активности.

-Што се однесува до организацијата на изборите од институционален аспект, да, очекувам регуларни и демократски избори, за тоа ќе се погрижат и Државната изборна комисија, и сите други институции коишто имаат и капацитет, сега зголемен и со претставници на опозицијата, согласно нашиот закон за техничка Влада за спроведување на изборите, вели Ковачевски. 

На прашањето на МИА да даде коментар на изјавата на заменик-генералниот секретар на НАТО, дека во земјава постои опасност од дезинформации и хибридни активности во пресрет на изборите кај нас, вели дека тоа е точно.

-Тоа што го кажуваат високите претставници на НАТО, во делот на странски мешања, преку дезинформации и хибридни активности..., тоа е точно, подолг временски период. Јас за тоа имам зборувано низ повеќе јавни настапи, дека трети држави, сакаат да влијаат на изборните процеси во Северна Македонија, и не само во Северна Македонија, туку и во Црна Гора. Затоа што тоа се две држави кои што станаа земји-членки на НАТО а некој сметаше дека тоа се држави во коишто има отворени прашања. И се уште имаме политички партии кои сметаат дека треба да имаме отворени прашања ние, со соседна Бугарија, со Грција, затоа што тие политички партии се финансирани од држави коишто сакаат да го имаат тоа. Дел од нив не го ни кријат толку вешто, бидејќи финансирањето го прават преку трети држави, вели Ковачевски. 

 

Вели дека како поранешен претседател на Влада и како носител на највисокото ниво на безбедносен сертификат на НАТО, располагал со многу информации и оти е најважно што е отпочнат процесот на идентификување на поединци, групи и институции, кои ги дисеминираат тие лажни информации.

- Тие што тоа го прават, да не мислат дека не се знае. Сметам дека е добро што потпишавме во време на мандатот на мојата Влада Меморандум за соработка со САД во делот на борбата со дезинформациите и лажните вести. Тоа значи дека преку соработка со САД ќе можеме да работиме на идентификување на изворите, на идентификување на начините на пренесување и на идентификување поединци и групи и институции кои ги дисеминираат тие лажни информации и хибридни влијанија во нашата држава, тоа ќе биде подолг процес, меѓутоа добро е што го почнавме процесот и добро е што на тоа веќе работат институциите и би испратил една порака граѓаните се првиот филтер на лажните информации и на странските и на какви било други влијанија кои не и сакаат добро на државата и треба да обрнуваат внимание на изворите од каде ги добиваат информациите, веродостојноста на информациите бидејќи ние во нашата држава имаме коишто се регулирани согласно закон за медиуми, коишто се дел од еснафските здруженија на медиумите, меѓутоа имате и други портали измислени итн, поединци по социјални мрежи кои шират лажни вести, вели Ковачевски за МИА.

Во однос на тоа како течат подготовките за претстојните избори со оглед на кампања, организација и програма, вели дека во текот на изминатите месеци 18-те комисии на СДСМ биле екипирани со околу 200 експерти коишто не се сите членови на партијата, меѓутоа коишто делат исти вредности со нас и коишто работат на новата изборна програма за изборите во 2024 до 2028 година, програма која ќе биде многу конкретна, програма која што ќе содржи конкретни мерки исто како што содржеше и во 2020 година и програма која што, пред се’ ќе се грижи за економската благосостојба на граѓаните за унапредување на општествените процеси и секако за продолжување и заокружување на процесот на европски интеграции.

Во однос на тоа во што ќе се разликува новата програма на СДСМ од досегашната и каде ќе ги акцентираат промените, тој вели дека и досега воделе социјалдемократска политика, како што вели, солидарност, луѓето да се третираат еднакви според законите и дека треба да се работи на прогресивни политики, и оти таква ќе биде и идната програма.

-На програмата работат 18 партиски комисии, коишто имаат 200 експерти во своите области. Таа ќе биде конкретна. Таа ќе значи продолжување на зголемувањето на минималната плата, продолжување на зголемувањето на просечната плата, продолжување на зголемување на работните места, на странските инвестиции, продолжување на енергетската трансформација, бидејќи да не заборавиме дека во мандатот на Владата која што јас предводев, имаме најголемо инвестирање, и најмногу обновливи извори на енергија коишто денес произведуваат електрична енергија, вели Ковачевски.

Тој додава дека ако до 2016 година во Владата на ДПМНЕ имало 16 мегавати инсталирани обновливи извори на енергија, само за две години во мандатот на неговата Влада имало стотини мегавати.

-Тоа е повеќе од капацитетот на РЕК Битола, 170 илјади семејства можеа да се снабдуваат со електрична енергија.Благодарение на тоа, ние денес имаме повторно евтина тарифа на струјата во текот на дневните часови, каде што граѓаните можат да заштедат и до илјада денари на електрична енергија месечно, вели Ковачевски.

Истакна дека програмата ќе биде продолжување исто така и на конкретни активности за полноправно зачленување во ЕУ, програма, вели, која што ќе обезбеди еднаквост на граѓаните каде што општеството ќе биде еднакво за сите да можат да ги искористат своите лични и професионални капацитети и да напредуваат во својата лична и професионална кариера.

-Ќе има решенија кои што се однесуваат и на реформи на јавната администрација, бидејќи мислам дека е дојдено време на комплетна професионализација на јавната администрација. Сметам дека времето на балансери, времето на тоа дека кога етничка припадност беше професија е завршено, бидејќи граѓаните очекуваат врвни услуги. Ние денес живееме во време кога се дојдени нови генерации, коишто сакаат брзо и веднаш решавање на нивните проблеми, и на услугите коишто ги бараат од државните институции, нагласи Ковачевски за МИА. 

Со лидерот на СДСМ разговаравме и за тоа кој ќе биде претседателски кандидат на партијата, со кого ќе коалицираат на парламентарните избори, за кого се отворени, а за кого затворени вратите во Европскиот фронт.

Во Европскиот фронт вратите се отворени за сите што ги делат вредностите за зачленување на земјава во ЕУ, а затворени за политички партии кои имаат алтернативни решенија, а не за зачленување во ЕУ, вели во интервју за МИА претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски.

На прашањето на МИА дали ќе коалицира со поранешниот член на СДСМ Максим Димитриевски, кој е градоначалник на Куманово и основач на партијата ЗНАМ, Ковачевски вели дека тој својата кампања ја базира на тоа да биде против своите.

 -Максим Димитриевски е долгогодишен поранешен член на СДСМ. Тој во текот на своето политичко делување одлучи да формира своја политичка партија. На минатите локални избори во градот Куманово тој беше поддржан од опозицијата на државно ниво, односно од ВМРО-ДПМНЕ и од некои други политички партии и на тој начин успеа да го добие мандатот за градоначалник, односно да извојува победа за градоначалник и после тоа формираше своја политичка партија. Не би можел во моментов да ви кажам во делот на коалицирањето или со политичката партија која што ја предводи градоначалникот на Куманово или со други политички партии со коишто не сме коалицирале со оглед на тоа дека тие во своите настапи сакаат да направат диференцијација од тоа што биле цел живот, вели Ковачевски.

Тој раскажа анегдота, како што вели, што го потсетувала „кога својата кампања ја базирате на тоа да бидете против своите“, и оти имало такви искуства и во минатото, политички партии коишто произлегуваат од СДСМ, меѓутоа на крајот пак завршувале или во СДСМ каде што им било и местото или во коалиции со СДСМ.

Прашан дали имаат договор со ДУИ да одат со свои кандидидати за претседател на изборите, вели дека СДСМ ќе оди со свој претседателски кандидат, којшто ќе биде поддржан од сите коалициски партии на партијата.

Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски во интервју за МИА, прашан кога ќе биде познат претседателскиот кандидат на партијата, вели дека нивниот кандидат ќе дели европски вредности и нема да ги дели граѓаните на ниту по еден основ, додавајќи дека актуелниот претседател Стево Пендаровски во изминатите пет години одлично ја извршувал функцијата.

-Не би сакал во моментов да истакнувам ниту еден кандидат со оглед на тоа дека тоа е не ниту статутарно, не е ниту етички од моја страна. Меѓутоа, само ќе истакнам дека бидејќи најмногу прашања се вртат околу тоа дали претседателот Пендаровски ќе оди за втор мандат јас сметам дека тој одлично ја обавуваше својата функција во текот на изминатите пет години, токму ги застапуваше вредностите коишто јас сега ги кажав, меѓутоа и коишто ги споделува нашата партија, вредностите коишто ги споделува и нашата коалиција, односно коалиционите партнери на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, изјави Ковачевски за МИА, во одговор на прашањето колку кандидати се влезени во потесниот круг и кога ќе биде објавено неговото име.

Ковачевски додаде дека јасно е каков ќе биде профилот на претседателот што ќе го предложат, односно, ќе дели европски вредности, ќе се залага за заокружување на процесот на европски интеграции на државата до 2030 година којшто нема да ги дели граѓаните по ниту еден основ не само етнички, туку и по која било припадност на кој било граѓанин во нашата држава 

Ковачевски, во однос на тоа дали на парламентарните избори ќе имаат заеднички листи, вели дека ќе имаат листи со нивните коалициски партнери, но на тие листи отвора можност да се приклучат и други партии, како што вели, доколку оценат дека ги делат истите вредности како и СДСМ.

-Другите политички партии на коишто алудирате во делот на приклучување кон заедничките листи тие можеби ќе бидат дел од заедничките листи, можеби ќе бидат и сами на изборите, бидејќи тие и во минатото биле во коалиции и со партии коишто не направиле еден милиметар за европските интеграции на државата. Ние да не заборавиме, во моментов сме во владина коалиција која што се грижи за продолжување на европскиот пат на државата, за унапредување на процесите, меѓутоа да не заборавиме дека во таа коалиција има политички партии коишто цела декада биле во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ кога бевме окарактеризирани како заробена држава. И затоа одлуката е секогаш на политичките партии во какви коалиции ќе влезат и дали ќе настапуваат сами на изборите, кажа Ковачевски.

Во однос на обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека власта и ја отстапиле на ДУИ и дали тоа ќе ја чини партијата на изборите, Ковачевски вели дека тоа не е точно и оти, како што вели, ВМРО-ДПМНЕ сака сите Албанци да ги претстави како ДУИ.

-Погледнете го бројот на министри на ДУИ во владата која што јас сум ја предводел, погледнете го бројот на министри на ДУИ во влада која што ја предводела ВМРО-ДПМНЕ во тек на 11 години, ист е бројот. Проблемот е што ВМРО-ДПМНЕ сака сите Албанци да ги претстави како ДУИ, што не е точно. Министерот за здравство, министерот за информатичко општество претходно министерот без ресор, за односи со дијаспората, тие не беа од ДУИ. Второ, ако го погледнете бројот на институции коишто се предводени од ДУИ исто така тој не е поголем број. Меѓутоа, се сака да се направи равенство помеѓу партијата ДУИ Албанци и дека нешто не функционира. Тоа е тезата која што две години, а интензивно во последната година ја вергла партијата ВМРО-ДПМНЕ притоа седејќи во коалиција во Тетово со партијата Беса, вели Ковачевски. 

Со лидерот на СДСМ разговаравме и за посетата на Албин Курти на Скопје, и дали станало збор дека тој се меша во внатрешните работи на државава. Квачевски вели дека Курти бил во Скопје на покана на Фридрих Еберт фондацијата, на средба на социјалистите од регионот, заедно со претседателот на германската СДП, на која разговарале дека иднината на регионот е во ЕУ.

Ковачевски, на прашањето што го оценува како успех, а што како неуспех во неговото владеење како премиер, вели дека владата во тие две години работела во најголемата енергетска криза во Европа, па ефектите од војната во Украина, по што следеше, вели, енормната инфлација во Европа.

-Во 2018 минималната плата беше 8.000 денари, сега минималната плата е 22.000 денари. Потоа, просечната плата е зголемена не на 500 евра колку што беше според Програмата на владата и на СДСМ, туку на 630 евра, предвреме. Тоа значи дополнителни финансиски средства кај сите граѓани. Невработеноста од 24 проценти е намалена на 12,8 проценти. Странските директни инвестиции од 356 милиони евра колку што изнесуваа во 2016 година на годишно ниво во време на криза 735 милиони евра. Кога сите предвидуваа крах на енергетскиот систем, ние успеавме да обезбедиме електрична енергија и тоа електрична енергија со 90 проценти субвенции од државата, бидејќи граѓаните доколку не беше таа субвенција и зголеменото производство на електрична енергија ќе плаќаа 90 проценти повисоки сметки од тоа што плаќаа, вели Ковачевски.

Тој вели дека во земјоделието е направена историска реформа на субвенциите, со којашто сега земјоделците субвенциите ги добиваат авансно.

-За првпат добија 30 проценти од субвенцијата авансно на крајот од минатата година, сите земјоделци во државата. Сто проценти е зголемено зелената нафта која што е ја добиваат по хектар. Таа веќе е дојдена 9.600 денари по хектар за земјоделците за обработка. Значи од државата добиваат нафта. И сега субвенциите ги добиваат вистинските земјоделци. Ако во минатото ги добиваа од државни службеници до вработени во МВР, до вработени во Влада, сега со реформите коишто се направени согласно со европските стандарди, имаме субвенции авансно исплатени со историски највисоки износи за вистинските земјоделци, рече Ковачевски. 

 

 

Во продолжение следува видео материјалот на целото интервју:

 

Неда Димова Прокиќ

Фото: Фросина Насковиќ

Видео: Аслан Вишко

 

Остани поврзан