• недела, 19 мај 2024

Димитров за МИА: Најважно е да донесеме закон за работни односи кој ќе биде јасен за секого

Димитров за МИА: Најважно е да донесеме закон за работни односи кој ќе биде јасен за секого

Штип, 20 март 2023 (МИА) - Најважно за мене е да донесеме закон за работни односи кој ќе биде јасен за секого. Во постоечкиот закон имаме такви одредби кои создаваат големи проблеми при имплементацијата. Се случува секој правник кога ќе го прочита, различно да го толкува, вели во интервју за МИА претседателот на Собранието на Организацијата на работодавачи, Ангел Димитров. 

Според него, треба уште да се дебатира за законот и добро е тоа што првичните идеи да се донесе тој до мај или до јуни се откажани. 

- Мора да ја пофалам одлуката на министерката на претпоследната седница на Економско-социјалниот совет кога рече сега не треба да брзаме. Значи, првичните идеи дека треба да се донесе законот до мај или до јуни се откажани и добро е да имаме уште некоја расправа, па Комисијата која работеше на законот после овие јавни расправи пак да се состане, да ги види сите забелешки и до крајот на годината, ако се донесе законот тоа ќе биде добро, вели Димитров.

Посочува дека за многу работи се усогласени со синдикатите, но дека има уште да се разговара.

- Ако сакаме добар закон за работни односи, тогаш треба правата и обврските да бидат еднакви меѓу двете страни, вели Димитров.

Интервјуто го пренесуваме во целост:

Г. Димитров, работниците кои досега земаа плата од 18.000 денари од 1 април ќе земат плата од 20.000 денари. Оваа одлука ја донесовте пред неколку дена на Економско-социјалниот совет. Кажете ни дали платите во реалниот сектор на останатите продуктивни работници ќе се зголемат или тоа ќе ви биде проблем, односно ќе ви се појави како поголем трошок во споредба со претходно?

-Мислам дека во овој момент кога ја усогласуваме висината на минималната плата со порастот на трошоци на живот и со порастот на просечната нето-плата во Републиката се наоѓаме во таква состојба кога гледате дека нема големи реакции од реалниот сектор на ова покачување. Платите мора да растат и поради друга причина, а тоа е поради недостигот на работници во целата индустрија. Така што, ова усогласување значи само задржување на куповната моќ што ја имаше минималната плата лани во март кога беше покачена на 18.000 денари, не станува збор за реално покачување и ние сме свесни за тоа, а секој работодавач се обидува на свој начин како да ги награди подобрите работници бидејќи ако тоа не го направи тогаш ќе дојде во ситуација да се демотивираат подобрите работници и оние работници со повисоки ставки, со повисоки коефициенти.

Во најмала рака, ако работодавачот немал доволно средства за процентуално да ја качи со истиот процент платата на сите работници тој мора барем линеарно да ја покачи платата за овие 2.175 денари на сите работници за да може да се задржи разликата помеѓу вработените, бидејќи во суштина платата е награда за учинокот на работникот, а мораме да бидеме свесни сите дека немаме исти учиноци.

null

Најголем проблем во реалниот сектор е недостаток на работници. Вицепремиерот Битиќи излезе со бројка дека недостасуваат 10.000 работници на годишно ниво. Еден од предлозите е и увоз на работна сила. На кој начин според Вас би можело тоа да се прави?

-Факт е дека првпат некој политичар од Македонија слободно проговори за овој проблем. Досега политичарите не сакаа да зборуваат за тоа затоа што се плашеа од разни реакции од граѓаните, па и имаше разни реакции на социјалните мрежи, бидејќи факт е дека во Македонија се уште стапката на невработени е голема. Но, тие невработени не сакаат да се јавуваат на огласите за слободните работни места, а од друга страна и покрај напорите на Владата преку активните политики за вработување тие не се јавуваат ниту имаат желба за преквалификација, што значи долгогодишните проблеми во системот на образование кај се продуцираа кадри кои не одговараа на нашето стопанство си го дава својот резултат. Значи, тие луѓе да речеме ако имаат завршено некој факултет, чекаат да се вработат според дипломата, за која што се школувале и не прифаќаат преквалификација или доквалификација за друго работно место.

Ова значи дека ние само формално имаме невработени, а кога некоја фирма ќе отиде во Агенција за вработување ќе бара да речеме 20-30 работници, таа не може ни тројца да најде од соодветниот кадар. Така што очигледно е дека преквалификацијата и моменталните мерки нема да ги даде резултатите и стопанството ќе се соочува се повеќе и повеќе во идните години со недостиг на работници. Тоа го покажуваат и бројките од четвртиот квартал од 2022 година, кај што бројот на вработени во Македонија се намали на 3.000 луѓе, бројот на невработени исто се намали за 3.000 луѓе, а бројот на активно население се намалил за 6.000 само за еден квартал, што значи дека Македонија ако не преземе нешто во идниот период ќе се соочи со тоа да постепено одумирање на нивната економија и што ќе биде проблем за сите буџетски корисници, а најмногу мислам на прв удар ќе биде Фондот за пензии и Фондот за здравство. Затоа, како и во другите држави треба да се отргнеме од тие стеги и послободно да разговараме за – не за увоз на работни лица, туку за либерализирање на начинот на вработување на странци.

Кој е вашиот предлог?

-Мојот предлог е да се либерализира и тоа не мора да биде преку ноќ, постепено, либерализирање на увозот на странци. Во Македонија постојат веќе неколку Агенции за увоз за невработени за вработување кои веќе имаат контакти и преговараат со странски работници кои се заинтересирани да работат во Македонија. Така што, се разбира дека на тие луѓе кои ќе дојдат во Македонија треба да им се обезбеди место за станување, значи за живеење, да им се обезбедат минималните услови и да се вработат во нашите компании. Тоа веќе се случува во Хрватска, се случува во Бугарија. Во Бугарија неколку компании веќе градат интернати за сместување на тие работници. Тиа имаат најмногу од Виетнам работници, но сите оние земји коишто, еве баш денеска читав некоја анализа, имаме земји со 114-115 евра минимална плата, нашата плата е трипати поголема. Имаат исто така многу полоши услови за живеење и за работење. Значи, во Бангладеш немате чиста вода за пиење, луѓето умираа од заразни болести заради гадната вода. Во Македонија условите за работа  за работниците за безбедност и здравје итн. се далеку подобри од тоа што е во тие држави.

Рековте дека има веќе три-четири агенции коишто преговараат со работници од странство. Од кои земји?

-Јас да речеме добив од една Агенција од Скопје понуда за работници од Непал. Значи, таа преговарала, има таму доволно заинтересирани луѓе кои имаат искуство веќе со машини за шиење, бидејќи знае дека јас сум од таа брнша, па и ми понуди такво нешто, но сигурно некои разговарале и со други држави. Бангладеш, Пакистан, Флипини, Индонезија се држави кај што имаат трипати пониски плата од нашата и мислам таму може да се разговара. Тоа би бил процес, тоа не може преку ноќ да биде. Треба да се обезбеди се, но би било во интерес на опстанок на нашата економија. Како што реков, ако тоа не го направиме, со селењето на младите надвор ние ќе останеме без работници, економијата полека ќе пропаѓа, а буџетот ќе остане без пари. Државата уште сега треба да се спреми, ако тоа не се направи да се намали и број на пратеници во Парламент, и број на министри во Влада, и број на вработени во јавна администрација, на секој начин, бидејќи ќе нема пари за сите.

Овие странски работници за колку време би можеле да дојдат во земјава?

-Ако веќе се нудат, значи тие се спремни да дојдат. Ако агенциите веќе ги нудат, тие имаат веќе контакти и можат да дојдат. Затоа реков, потребно е постепено либерализирање на пазарот на труд со увоз на странски работници, затоа што во овој момент многу компании од градежната индустрија имаа проблеми особено лани квотата беше исполнета многу порано пред истекот на годината да вработат странци. Така што, дел од наши градежни компании регистрираа фирми во Турција, па ги вработуваа тие луѓе таму и ги донесуваа овде да работат како турска компанија. Или оние вистинските турски компании кои градат во Скопје, градат се со турски работници, ние немаме доволно работници во градежната индустрија.

null

Каков статус ќе имаат тие странски работници, на определено, неопределено работно време, потребни ли се законски измени?

-Не. Ако сакаме ние да бидеме навистина на нивото, да бидеме европска држава треба правата на работниците што ги содржи Законот за работни односи како за нашите треба да важи и за нив. Што се однесува за начинот на вработување сите права од работни односи треба да ги имаат и тие, бидејќи мислам дека Македонија не е држава како некои арапски држави, каде што странците ќе работат по 20 часа дневно, ќе немаат никакви права и ќе се третираат како граѓани од втор ред. Имаше таков пример во Србија, кога граѓаните со право реагираа и навистина треба да ги уживаат сите права што ги уживаат и нашите работници.

Младите си заминаа во странство. Според вас, постои ли модел со кој би можеле да се вратат во земјава?

-Тоа е многу убава желба, но за жал ќе ве разочарам. Не постои модел, тој процес нагло да се сопре. Јас сум разговарал со мои колеги од земји кои го поминаа веќе тој процес, како да речеме од Чешка или Словачка, кај што и тие не се свесни како се случи – кога престана заминувањето на младите во странство. Знаете, кај нив кога влегоа во Европска унија исто се празнеа градовите, остануваа празни. Се додека не успеаја да ја променат структурата на стопанството, наместо да прават текстил да прават автомобили, кај што платите можат наместо да бидат 300 евра да бидат 800-900 евра. Тој процес беше многу нагло. После тоа се случи дел од младите кои заминале во Европа да се враќаат дома и да си отворат сопствени компании. Значи, главното е тука ние да ја промениме структурата на стопанството, да имаме дејности кај што ќе се заработува повеќе ама за тоа ќе треба повеќе знаење, што значи треба да го смениме и системот на образование за тие млади да имаат доволно знаење да работат посуштински, повисоко платени работни места и тогаш нема да имаат они потреба да заминуваат надвор. Но, јас секогаш кажувам многу е едноставно да се мисли дека само платата е причина за заминување на младите. Ние имаме високо партизирано општество, младите луѓе уште кога се запишуваат на факултет мора прво да одат во партијата за да земат легло во интернат, да не зборуваме за вработување или за што било. Прво, треба партиска книшка да извади, тоа ги нервира младите луѓе. Сите не сакаат да влезат во партија и да бидат лепачи на плакатите. Друго, владеењето на правото, нееднакво владеење на правото за сите граѓани во Македонија исто ги нервира младите. Па дури и нееднаквоста на примена на даночните прописи ги нервира. Знаете како, ние имаме одличен закон да речеме за персонален данок. Тоа беше и порано и сега со измена на името на законот така да се каже. Ако некој има огромно богатство УЈП има право да отиде да му направи попис на имотот и на се она што нема платено данок, кој нема даночни пријави да му пресмета 70 проценти. Не му треба ни судење, ни тужење, ни затвори. Нека плати 70 отсто на тие пари што ги има на тој имот што го има. Ние тоа не го правиме. И тоа ги нервира младите. Значи, не може законите за едни да се почитуваат , за други да не се почитуваат. На еден крај од државата сите плаќаат струја, сите плаќаат данок на имот, сите плаќаат ДДВ, на други краеви од државата апаратите фискални се покриени со чаршафи и никој не ги ни гледа, ќе отидете во дуќан не ја ни гледате касата. Така што, се е тоа што треба да се промени, за да навистина младите сфатат дека живеат во една средена држава.

Вие како управител на светиниколска „Мода“ се обидовте да привлечете работници со парична награда за работниците кои се вработени во вашата компанија од 5.000 денари. Колку успеавте или треба да бидете уште покреативни, за да ги привлечите работниците да дојдат во вашата фабрика?

-Сигурно треба да бидеме покреативни затоа што овој модел на привлекување на работници ни го предложија нашите газди од Германија, затоа што сме ние контролирани од германска компанија, бидејќи во Германија многу тоа се применува. Иако бевме скептици го прифативме да видиме, да пробаме. За жал, се јавија работници, дојдоа нови работници, но не млади луѓе, кои сакаат да учат и кои сакаат да работат во конфекција. Дојдоа жени кои останале без работа во некоја друга компанија со неколку години пред пензија, така што какошто вие рековте мораме да бидеме покреативни. Една од работите е што нашите плати веќе се повисоки од платите што ги има јавниот сектор, што беше во Македонија некаде до 2005 година. Од тогаш наваму платите во општинските служби и цел јавен сектор постојано растеа, а платите во приватниот сектор стагнираа. Е сега се случи нашата чистачка во погон да зема повисока плата од медицинска сестра во амбуланта. Тоа ќе доведе до тоа да, ќе почнат пак младите да им се смени ставот кон оваа индустрија. Но, и во целата преработувачка индустрија.

null

Високите трошоци за водење бизнис главно предизвикани од наглото зголемуваење на цените на енергијата го намалија конкурентниот капацитет на македонските претпријатија. Вакво истражување имавте неодамна, за какво истражување станува збор и што покажа?

-Тоа истражување беше со помош на Меѓународната организација за труд и пред да дојдам овде имавме еден видео состанок со луѓето од Меѓународната организација. Тие се подготвени да го доработат тоа истражување со добрите примери од другите држави, каде што се покажало дека државата на поадекватен начин ги помогнала компаниите, бидејќи целта со тоа истражување беше да се види кои се најзагрозени сектори кои ќе имаат проблем со порастот на цената на струјата. И тоа се виде, тоа беа секторите каде што струјата се користи во технолошкиот процес. Значи, тогаш затворија Фероникел и некои други два-три рудника во Македонија и среќа што тоа траеше два-три месеци. Сега цената на струјата по ХУПЕКС берзата во Будимпешта е многу пониска од тогаш, од 500-600 евра се спушти некаде на 150-160 евра за киловат и тоа е пак двапати повисока од струјата што ја плаќаат граѓаните, но е издржливо за компаниите особено оние кои немаат огромни трошоци за струја. Но, тоа истражување не беше само за начинот на помош на компаниите, туку беше и за процедурите за инсталирање на фотоволтаични централи. Укажувавме дека ако не може да се направи едношалтерски систем барем да се предвидат максимални рокови, во кои институции треба да одговорат.

Вака, е несфатливо една процедура за добивање дозвола за изградба на фотоволтаична централа и тоа на покривот на фабрика трае од една до три години. Знаете, од една страна зборуваме зелена енергија, сите сакаме чиста околина итн., немаме доволно наше производство на струја, од друга страна плаќаме царина на инвертори, царина на соларни панели, комуналии за покривот. Замислете и тоа невоедначени, во една општина многу, во една малку, во некоја општина николку. Значи, и тие процедури треба да се усогласат и ако сакаме да ги помогнеме компаниите да инвестираат во тоа треба најмалку што можеме да направиме процедурата да ја скратиме да речеме максимум на три месеци.

Компаниите изминатата година поставија доста сончеви централи на своите покривни конструкции, тоа се гледа барем во Штип, но вие имате веќе неколку години сончеви централи на вашите покривни конструкции. Дали инвестицијата се исплати?

-Да, секако. Ние кога почнавме, во 2019 година пред кризата ги инсталиравме нашите фотоволтаични панели. Проценките беа некаде 4,5 до 5 години да биде враќањето на инвестицијата, но тогаш цената на струјата се движеше околу 70 евра по киловат. Замислете тоа за 6-7 месеци во 2022 година се качи на 500-600 евра, што значи многукратно ги исплативме веќе панелите и сега инвестираме уште 200 киловати. Компаниите тука се судираат со проблемот на вишокот на произведена енергија. Ако тие не можат да обезбедат дозвола за продажба на вишокот на енергија, многу е тешко да ја складираат и така ја губат енергијата. Дури може да се случи во одредени моменти ЕВН да не им дозволи  воопшто да се приклучат на централата и тој вишок да го продаваат. Значи, ќе мора да ги исклучуваат централите. Складирањето, како што реков, е многу тешко, тие батерии се многу скапи и не траат многу.

Не побаравте ли помош?

-За тоа разговаравме денеска, дали може барем да се помогне. Ако не помагаат за изградба на соларни панели, барем да помогнат за купување на батерии за складирање. И за компаниите, а и за граѓаните, е многу пожелно, бидејќи е штета таа струја да пропадне, да не може да се искористи. А ако може да се складира, тогаш ќе може да се искористи во периодот кога нема доволно сонце. Така што, помошта би била во ослободување од царински давачки и одредени субвенции за купување на такви батерии, бидејќи ќе помогнат и на целииот енергетски систем во Македонија.

Македонскиот бизнис сектор, еве гледаме и странските компании, бараат земјиште за да се постават фотоволтаици, барем овде во Штипскиот и Овчеполскиот регион тоа го имаме како примери. Според вас, треба ли да се поставуваат фотоволтаици на плодно земјиште?

-Не. Тоа е погрешно. Некои општини имаат добра стратегија, не даваат дозволи за изградба на подобрите класи на земјиште, само на послабите класи на земјиште. Знаете, мислам дека Владата се откажа од намерата на земјиштето кое беше предвидено за аеродромот во Штип да се прават фотоволтаици. Тоа е едно од најплодните земјишта во Овчеполието да се стават фотоволтаици. Не, треба само на лошото земјиште тоа што е во Амзабегово, тоа е солена почва која не може за ништо друго да се користи. Такво земјиште имаме на разни ридски површини и така треба да се прави. Но, секако дека треба да се дозволи. Тука има една маана - ние Македонците нешто ќе слушнеме и сите мислиме – ајде сите, тоа е бизнис. Има луѓе кои купија парцели, кои дури и изградија, а се уште немаат дозвола за приклучок. Прво што треба да се види е дали во близината на таа нива што ќе ја купите има далекувод на којшто ќе се приклучите. Второ, треба да се праша дали тој далекувод има капацитет да ја земе вашата струја, бидејќи некои далекуводи се со мала моќност и немаат доволно капцитет. Да речеме по пуштањето во употреба на ветерниците во Овче Поле мораше да се догради системот помеѓу Велес и Свети Николе за да се обезбеди поголема моќ на далекуводот за да ја прими таа струја. Значи, не е само да направиш централа, треба да знаеш преку што ќе ја пренесеш таа струја и на крајот на краиштата на кого ќе ја дадеш.

Господине Димитров се очекува оваа година да се донесе Законот за работни односи, барем така најави министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска токму одовде од Прес-центарот на МИА во Штип. Имаше 10 дебати токму за овој Закон за работни односи, учествувавте и вие. Да ни кажете на кои ставови останувате и кои треба да ги има во законот за работни односи?

-Мора да ја пофалам одлуката на министерката на претпоследната седница на Економско-социјалниот совет кога рече сега не треба да брзаме. Значи, првичните идеи дека треба да се донесе законот до мај или до јуни се откажани и добро е да имаме уште некоја расправа, па Комисијата која работеше на законот, пак после овие јавни расправи да се состане, да ги види сите забелешки и до крајот на годината, ако се донесе законот тоа ќе биде добро. Тоа е ОК затоа што законот е се уште недоработен. Законот нема преодни и завршни одредби, а од преодни и завршни одредби зависат многу работи. Зависат многу обврски на компаниите. Да речеме, вработениот што бил пред измена на законот каков третман ќе има, дали ќе продолжи по стариот закон или по новиот закон и какви бирократски процедури нови ќе има за компаниите. Не се доработени воопшто и прекршочните одредби. Така што добро е што ќе имаме повеќе време.

Ние реагираме на некои работи, во кои мислиме дека сме обесправени во однос на работниците. Уште од почеток рековме дека работните односи се договорен однос меѓу работник и работодавач. Тие се договараат за сите битни работи во однос на работењето на работникот, значи не само за платата и за работното место, за унапредување во кариерата, за безбедни услови при работа.... И сето тоа треба да се договори во самиот договор. Но, од друга страна, кај многу одредби ние сме хендикепирани. Еве да речеме одредбата за отказниот рок. Кај нас е минимум еден месец, а кај работниците ја намалија од месец дена на 15 дена. Од друга страна, работодавачот има обврска да исплати отштета на работникот ако не го почитува отказниот рок, а работникот нема обврска да исплати отштета. Што значи, работникот едноставно три дена не ви доаѓа на работа и баш му е гајле, вие ќе мора да го отпуштите од работа. Но, штетите што ќе настанат особено ако е тоа работно место инженерско или некое важно место, каде што вие не можете така брзо да најдете друг работник, тој ви прави штета вам. Вие не можете да наплатите штета и не можете за таа штета да се договорите во моментот кога правите договор за работа. Значи, ако јас и вие се договараме на почетокот на работата дека ќе имате илјада евра плата, дека ќе имате такви и такви обуки, мора да предвидиме рок подолг за отказен рок и вие ако не го почитувате да ми платите дел од штетата, бидејќи тоа е нормално, тоа е договорен однос. И за други работи. Да речеме работа од дома или далечина. Оставена е можноста работникот да бира дали ќе работи од дома или на друго место. Кое друго место? Не може работодавачот да не знае кај ќе работи работникот. А од друга страна е предвидено работодавачот мора да му обезбеди безбедни услови за работа, да му обезбеди техничка помош за опремата. Како ќе му обезбеди ако не знае каде работи. Или, пристап во домот му е овозможен само замислите на Државен инспекторат за труд, на работодавачот не му е обезбеден пристап во домот. Е како јас ќе го контролирам, како ќе му дадам техничка поддршка, како ќе му обезбедам безбедни услови за работа ако немам право на пристап во неговиот дом. Значи, тоа се нееднаквости. Работодавачот не може сам да рече вие заради тие и тие причини од утре треба да работите од дома. Или комбинирано да работите. Мора работникот да се согласи и да каже јас сакам или не сакам да работам од дома или од далечина. Тоа не е добар пристап, бидејќи ако сакаме добар закон за работни односи правата и обврските треба да бидат меѓу двете страни еднакви.

null

Има ли нешто за што се имате конечно договорено работодавачите со синдикатите т.е. со работниците?

-За многу работи се имаме договорено, не за малку. Да речеме, ние уште во старт прифативме кај договорите на определено време уште првите разговори дека пет години на определено време е премногу и дека треба да се намали на три. Тие инсистираа на две, па кога Министерството прифати за две, тие почнаа да зборуваат за една. Мислам дека две години и тие се свесни дека е ОК и дека е голем напредок во однос на тоа што беше, а и одговора и на земјите во околината. Земјите од бивша Југославија скоро сите имаат две или три години, но не доволно се разработи одредбата за максимум три договори за работа. За разлика од другите држави, кај нас е исклучок дека може повеќе од три договори, има само ако е замена на отсутен работник, додека во другите држави има да речеме ако се работи на проект, бидејќи ако имате некој проект, однапред се знае колку време ќе трае проектот. Ако проектот трае четири години тогаш и на вас ќе ви биде на четири години договорот, нема да биде на две. Има и некои други прашања што имаат специфичности. Има држави како Словенија каде ова не важи за новооснованите фирми. Тие во првите три години од постоењето имаат најголем ризик од пропаст. На нив треба барем да им се остави подолг период за договори на определено време. Нас многу не нервираат бирократските процедури. Замислете законот предвидува дека ако имате оглас за вработување на работник дека во рок од пет дена од изборот треба да му јавите на оној што не е избран и да му кажете кој е избран. Фактички да му ги вратите документите и да му дадете право на судска заштита. Мислиме дека за прватниот сектор тоа не е ОК. Јас сум должен да му кажам дека тој не е избран, ама зошто да му кажам кој е избран на огласот. Тоа повеќе важи за јавниот сектор. Таму во ваквите наши партиски препукувања вреди судската заштита, но во приватниот сектор тоа е фактички далеку од либералната економија која ние сакаме да ја градиме.

Во делот на боледувањата останувате ли на ставот да се плаќаат 15 дена, а не 30 дена?

-Тоа е наше барање кое ни прави големи проблеми. Не знам дали Владата ќе го прифати затоа што тука не е толку крива Владата и министерот за труд, туку Фондот. Заради проблемите што ги има Фондот, во постоечкиот закон донесен 2005 година, велеше до 21 ден на товар на работодавач, после 21 ден на товар на Фондот. Бидејќи нема доволно пари, се намалува бројот на работници и паѓаат придонесите, Фондот сам го зголеми на 30 дена и ние и заради тоа и заради општиот Колективен договор, го прифативме на 30. Но, тука е најголем проблем злоупотребата на боледувањата.

Во делот на породилното боледување имаше доста реакции. Дали со овој модел сметате дека ќе имаме мотивација, односно да имаме зголемување на наталитетот. Во соседна Бугрија гледаме дека се случува бејби бум со нивните законски решенија?

-Тоа е одреден напредок, а дали ќе дојде до бејби бум не сум сигурен, затоа што тука зависи и од други причини, не само тоа. Ова е преземено, фактички хармонизација со европското законодавство. Значи, ние досега имавме само породилно отсуство, сега имаме мајчинство, татковство и родителство, имаме три вида. Таткото користи во првите три месеци обавезно отсуство за чување на бебето, иако имаше некои реакции дека ние на овој степен на развој имаме родители, особено татковци кои не се способни да помогнат околу чувањето на детето, и ќе ги искористат тие денови за одење во кафеана. Но, очигледно дека е одреден напредок. Да пробаме на крајот на краиштата, да видиме ако има одредени слабости ќе треба да се смени во законот.

Според вас што клучно може да донесе Законот за работни односи и за работниците и за работодавачите?

-Ако ги отстраниме сите слабости што ги има во овој момент тој закон, за мене најважно од се не е намалувањето на рокот за определено – неопределено време или родителствата итн. За мене е најважно да направиме јасен закон така што секој човек кога ќе го прочита, да му биде јасно. Во овој момент имаме такви одредби во законот кои создаваат големи проблеми во практикувањето на самиот Закон. Се случува правник кога ќе го прочита, различно да го толкува. Па доаѓа ред на суд, па судиите заседаваат конференции, одржуваат разни семинари да објаснат што и која била идејата на законодавецот кога го пишувал. Идејата треба да е преточена во точни и прецизни одредби, а не јас да читам од други држави од каде го препишувал законодавецот, па што му била идејата. Ние имаме такви закони и одредби, како на пример понуда на нов договор пред отказ за кој се пишуваа томови литератува во Македонија што била целта. Не треба на тој начин да дознаваме, туку со секое читање на законот да направиме чист и јасен закон. Мојата задача и забелешките на кои сега работиме како работодавачи, ќе ги дадеме после јавната расправа со таа цел, не само заради поголеми или помали работнички права, туку чисти и прецизни одредби.

Во моментов каква е состојбата во текстилниот сектор?

-Се наоѓаме во некоја интересна состојба. Многу европски брендови не само во текстилната индустрија, туку и во другите индустрии за време на короната се соочија со кинење на ланците на снабдување и со раст на цената на бродскиот транспорт, така што сега има една нова идеја  производството да го префрлат поблизу до Европа. Македонија е идеална позиција за тоа и од тогаш наваму имаме страшно големи нарачки. Значи, она што се повлече од Бангладеш, што се повлече од Пакистан, доаѓа кај нас. Тие направија дури и реклами во Германија и во Европа дека ова е произведено во Европа, овде се почитуваат работничките права, социјалните сигурности на работниците се повисоки. Безбедноста за работа не е како во Бангладеш бидејќи претходно беа сите брендови критикувани за она што го работат во Виетнам или во Бангладеш каде што покривите паѓаат врз главите на работниците. Така што, тоа е добро дојдено за нас, да имаме повеќе работа, но сега се судруваме со проблем да немаме доволно работници за да ги задоволиме сите зголемени нарачки.

За колку време очекувате тие странски работници да дојдат, веднаш или ... ?

-Ако Владата излезе со решение за либерализација јас мислам дека веќе оваа година ќе се појават првите странски работици, бидејќи ви кажав дека агенциите се подготвени, веќе нудат работници. Ако се олесни процедурата за вработување, ќе може да се направи.

Ќе имаат иста плата како македонските работници?

-Па тоа е согласно меѓународни конвенции и нашиот закон. Вие не можете за иста работа на мажот, на жената, или не знам на црниот или на белиот, да му давате различна плата. Мора да имаат иста плата.

И на крај една актуелна тема што се однесува за стандардот на граѓаните. Актуелно е замрзнувањето на цените. Како Вие гледате на овие мерки на Владата?

-Овие мерки јас ги гледам повеќе како економист, не како граѓанин или како работодавач. Мислам дека во време на нарушување на пазарните законитости, секоја држава, па и европските држави, сега и Америка спасува две банки од пропаст, интервенираат. Тогаш имаме државен интервенционализам и државата интервенира да не дојде до поглеми проблеми. Но, во случај кога економијата заживува и кога пазарот сам ги регулира тие неправилности, тогаш Владата треба да се повлече. Тоа е пазарен механизам. Има еден познат економист, кој вели – предноста во капитализмот е што Владата секогаш ќе се вади на страна на пазарот. Ако нешто не оди добро, ќе рече пазарот е виновен, ние сме пазарно стопанство, пазарот така ни направил. Ама во социјализмот кога за се се планираше и државата одлучуваше и за цени и за што ќе се гради, не може да рече пазарот е крив. Ние доаѓаме во ситуација ова замрзнавме, она замрзнавме, утре некој од граѓаните со право ќе рече зошто цените на лековите не ги замрзнете. Компаниите од фармацевтстаката индустрија се едни од најбогатите во Македонија. Една компанија од нив има петпати повеќе профит лани од целата пекарска индустрија. Значи, со право такви логични прашања се поставуваат. Што значи дека и тоа ќе го ограничиме, па после утре ќе рече некој – чекај, па како ние имаме регулирана цена на струјата, а нашите дистрибутери на струјата се богаташи. Имаат 15-20 милиони евра добивки и децата на политичарите прават пак такви компании. Што значи и онаму кај што ни е регулирана цената очигледно Регулаторна комисија многу лесно ги дава тие профити на тие компании. Затоа што ако ги земете најголемите сто компании во Македонија кои се тоа компании? Прво се телекомите кои се еден вид монопол бидејќи ист газда има и на А1 и на Телеком, второ се Макпетрол, Окта, Лукоил итн., значи дистрибутерите на нафта, трето се дистрибутерите на струја ЕВН, МЕПСО и другите приватни. Ќе видите дека тоа се се’ на еден начин привилигирани или како да кажам олигополи, значи компании кои имаат слична дејност и кои на еден начин или се договараат или се договараат со Комисијата. Е сега, пекарите не можеа да се договорат со Владата и се замрзна цената и сега ќе викаме и на оризот, утре не знам уште што ќе биде. Така што мора многу внимателно со тоа да се прави. Не можеме, ние сега не се враќаме сигурно во социјализам со тоа што ќе го направиме и треба да сме свесни што откако ќе ги одмрзнеме цените. Значи, работодавачите и бизнисмените се економисти, тие се практични, знаат дека јас свесно ќе губам три месеци ама четвртиот месец дел од тие загуби ќе ги покријам. Во економијата нема бесплатен ручек. Мора се да се плати. На крајот на краиштата и државите се си плаќаат. Значи, државите кога  штампаа огромни милијади резервите во Америка и Европската банка сега им се враќа како бумеранг огромна инфлација, ги качуваат каматите и пропаѓаат банките, бидејќи банките имаат инвестирано во владите, земаа обврзници со многу пониска камата. Сега каматата е повисока, они сега не знаат што да им прават на тие обврзници. Значи, нема бесплатен ручек и владите неможат бесконечно да се финансираат со евтини пари, а потоа да предизвикуваат инфлација. Значи, мора одговорно сите да работиме. Мора и владите во светот одговорно да работат. Не може јас на грбот на моите внуци да земам кредити за да сега се направам дека сум добар министер. Тие пари, мојот внук ќе ги враќа.

Господине Димитров, имавме пандемија, па економска криза, па енергетска криза. Дали годинава и наредната година ќе ни бидат стабилни во делот на економијата и на животниот стандард?

-За среќа со корона кризата немаме проблеми. Мислам дека тоа го надминавме и релативно добро го поминавме со тоа што потрошивме големи пари кои сега треба да ги враќаме. Втората работа е енергетската криза, можеби зимата ќе имаме поголеми проблеми, мислам дека нема да бидат страшни и со тоа што се градат новите капацитети итн., Не дај Боже да дојде до поголема банкарска криза. Најголемата банка во Швајцарија имаше големи проблеми, Владата мораше да ја покрие да нема пад на сите. Ниедна банка нема да опстане ако сите граѓани си ги земат депозитите назад. Тие депозити банката ги дала на Владата и земала обврзница, парче хартија во кое вика за шест месеци ќе ти вратам толку пари. Тоа е обична хартија со ништо непокриена. Затоа владите мораа пак да реагираат, да обезбедат стабилни услови за стопанисување.

Може е наша среќа што ние не сме толку поврзани со светските големи играчи, па и минатата банкарска криза 2008-2009 релативно лесно ја поминавме, така и оваа, мислам дека нашите банки се сигурни и не чека барем нас некоја постабилна ситуација, освен тоа што навистина се истрошивме многу, немаме веќе пари за нови инвестиции. Дури и најавените нови патишта кои се проценува, бидејќи нема проект, дека ќе бидат над два милјарди и 300. Тоа се пари кои сите ние ќе ги враќаме. Македонија веќе плаќа многу пари за камата, 160 до 200 милиони оваа година од буџет се плаќа за камати. Замислете со тие 200 милиони евра што би направиле да не плаќаме камата. Значи, плаќаме за она што се земало пред 5-6 години. Така што, ова што сега се задолжуваме, ќе го враќаме после 5-6 години. Мора да бидеме внимателни и мора да сфатиме дека без да ја подобриме економијата, без да ја зголемиме нашата новосоздадена вредност, значи БДП по жител, без да го зголемиме тоа, не можеме да им обезбедиме подобар живот на сите граѓани, може да се лажеме ќе ви ја зголемиме платата уште 3.000 ама ќе ги зголемиме цените на трошоци на живот и па вие ништо не сте добиле, пак ќе купите пет леба. Единствен реален начин на зголемување на стандардот на граѓаните е повисоко производство, повисок извоз, повисок девизен прилив.

Викторија Димитрова-Јованова

Видео и монтажа: Аслан Вишко

Фото: Борис Куноски

 

 

Остани поврзан