• недела, 22 декември 2024

Не е потребно одобрение од УЕФА за организирање на Супер лигата, реши Европскиот суд на правдата  

Не е потребно одобрение од УЕФА за организирање на Супер лигата, реши Европскиот суд на правдата  

Брисел, 21 декември 2023 (МИА) - Судот на правдата на ЕУ денеска пресуди дека правилата на УЕФА кои се однесуваат на организирањето на фудбалски натпреварувања, како што е Супер лигата, се во спротивност на законодавството на Унијата. 

- Правилата на ФИФА и УЕФА за претходно овластување за клупски фудбалски натпреварувања, како што е Супер лигата, претставуваат кршење на правото на Унијата, се вели во соопштението Судот на правдата со седиште во Луксембург. 

Според Судот, правилата на ФИФА и УЕФА, кои стапија во сила во 2021 година во моментот на започнувањето на судската постапка во однос на Супер лигата, не содржат „критериуми што обезбедуваат нивна транспарентност и недискриминаторски однос“. Судот смета и дека идејата на некои од најбогатите европски клубови за организирање на фудбалска Супер лига „не мора да биде одобрена“ од УЕФА. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, во реакција на одлуката на Судот, првиот човек на компанијата А22, која стои зад промоцијата на Супер лигата, Бернд Рајхарт оцени дека „завршил монополот на УЕФА“. 

- Фудбалот е слободен, наведе Рајхарт во објава на платформата Икс. 

Идејата на некои од најбогатите европски фудбалски клубови за организирање на многу попрофитабилен модел на клупско натпреварување е стара дваесетина години. Во април 2021 година, непосредно пред големата реформа во Лигата на шампионите на УЕФА, 12 големи европски клубови најавија организирање сопствено клупско натпреварување.  

УЕФА и ФИФА, кои на најавената Супер лига гледаа како на директна конкуренција на Лигата на шампионите, им се заканија на „бунтовничките“ клубови со санкции. По ова, девет од 12-те клубови се повлекоа од идејата, со што иницијативата за формирање на Супер лигата пропадна за помалку од 48 часа. 

Сепак, шпанските клубови Реал Мадрид и Барселона, кои не се откажаа од иницијативата, поднесоа тужба против ФИФА и УЕФА обвинувајќи ги за монополска позиција на пазарот на фудбалски натпреварувања и за искористување на медиумските права. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан