Нетанјаху незадоволен од предлогот на Хамас за прекин на огнот во Газа
- Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху синоќа изјави дека не е задоволен од новиот предлог на Хамас за прекин на огнот, а Хамас предупреди дека нема да има договор доколку продолжи израелската агресија врз Појасот Газа.
Тел Авив, 8 мај 2024 (МИА) - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху синоќа изјави дека не е задоволен од новиот предлог на Хамас за прекин на огнот, а Хамас предупреди дека нема да има договор доколку продолжи израелската агресија врз Појасот Газа.
Нетанјаху кажа дека новиот предлог на Хамас за прекин на огнот е далеку од основните барања на Израел, додавајќи дека сè уште е неопходен воен притисок за ослободување на заложниците што Хамас ги држи во Појасот Газа.
Израелските сили вчера рано утрината ја окупираа палестинската страна на граничниот премин во Рафа, што Нетанјаху го оцени како „многу значаен чекор кон уништување на преостанатите воени капацитети на Хамас“.
Со оваа воена операција е прекинат клучниот пат за помош до Појасот Газа, што веќе е на работ на глад.
Официјалниот претставник на Хамас, Осама Хамдан, вчера предупреди дека нема да има прекин на огнот доколку продолжи израелската агресија врз Појасот Газа.
Хамдан ова го изјави на прес-конференција во Бејрут, а делегацијата на Хамас во меѓувреме пристигна од Доха во Каиро за да ги продолжи преговорите за прекин на огнот, соопшти Хамас.
-Тврдиме дека воената операција во Рафа нема да биде пикник за (израелската) армија, рече Хамдан.
„Топката е во теренот на Нетанјаху“, додаде тој.
Тој посочи дека новиот предлог за прекин на огнот со кој се согласи Хамас е „минимумот што одговара на барањата на нивниот народ и неговиот отпор“.
-Преминот Рафа беше и ќе остане исклучиво египетско-палестински премин, рече Хамдан.сд/
фото:МИА архива