• недела, 22 декември 2024

Нетанјаху нареди дополнителни испораки на хуманитарна помош за Газа

Нетанјаху нареди дополнителни испораки на хуманитарна помош за Газа

Ерусалим, 19 октомври 2024 (МИА) - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху нареди значително зголемување на испораката на хуманитарна помош за жителите на Појасот Газа, јавија синоќа израелските медиуми, цитирани од ДПА.

Израелскиот јавен радиодифузер Кан објави дека во иднина 250 камиони дневно ќе носат хуманитарна помош во палестинската енклава, каде што војната беснее повеќе од една година.

Одлуката на Нетанјаху е реакција на заканите на САД дека ќе ја прекинат испораката на оружје за Израел доколку не се подобри ситуацијата со мирното палестинско население во Газа.

Според израелската агенција одговорна за палестинските прашања, 50 камиони со хуманитарна помош влегле во Газа во средата, а дополнителни 30 влегле вчера.

Ситуацијата во северниот дел на енклавата се смета за исклучително критична. Според Детскиот фонд на Обединетите нации, УНИЦЕФ, речиси секое петто дете во областа страда од неухранетост опасна по живот. Според ОН, околу 500 камиони дневно доставувале помош и стока во Појасот Газа пред почетокот на војната минатиот октомври. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан