• петок, 22 ноември 2024

Нема пари во Буџетот за зголемување на платите на функционерите во 2024 година, тврди Бесими

Нема пари во Буџетот за зголемување на платите на функционерите во 2024 година, тврди Бесими

Скопје, 4 јануари 2024 (МИА) - Нема пари во Буџетот за зголемување на платите на функционерите во 2024 година, дециден е министерот за финансии Фатмир Бесими. 

Одговарајќи на новинарски прашања по денешната прес-конференција, Бесими рече дека во Буџетот не се планирани пари за зголемување на платите на избраните и именуваните лица согласно со законското усогласување. 

- Нема пари во Буџетот за зголемување на платите на функционерите во 2024 година. Тоа значи дека тоа е одраз на политиката што ја најави Владата дека ќе има интервенции во законот тоа да не се случи во 2024 година. Нема пари за дополнителното зголемување според законот каде што секоја година им следи зголемување согласно усогласувањето со просечната плата. Нема пари во Буџетот планирани за дополнително зголемување на платите на функционери и именувани лица, рече Бесими.

Во однос на огласите за вработување во државните институции, Бесими рече дека има одлив на кадар во институциите и дека испразнетите места треба да се пополнат. Согласно заклучок на Влада дозволена е и трансформација на работниот однос од определено на неопределено време, но тоа да биде во рамки на предвидениот буџет на институцијата. 

-Имаше заклучок на Влада, а потоа и одлука што се спроведуваше во сите институции, во рамки на буџетот, на исто ниво на плати, тие што беа со определено време повеќе од две години да можат да добијат статус на редовен работен однос, но тоа да се спроведе преку јавен оглас на конкурентен начин, појасни Бесими. 

За Министерството со кое раководи, посочи дека секоја година има значителен одлив на кадат, Така, во 2021 година заминале 56 лица од Министерството, во 2022 година 67 лица, а лани околу 40 лица. сан/бак/

Фото: МИА

 

 

Остани поврзан