• недела, 22 декември 2024

Нема недостаток на крв, информираат од Службата за трансфузиона медицина Куманово

Нема недостаток на крв, информираат од Службата за трансфузиона медицина Куманово

Куманово, 10 јули 2024 (МИА) - Службата за трансфузиона медицина располага со доволен број на крвни единици, соопштија денеска надлежните од кумановската служба. Има доволен број акции на ниво на регионот, надлежните ги повикаа младите да даруваат крв.

-Ги покриваме сите потреби за крвни единици во Куманово и државата. Моментално има крв, нема недостаток, меѓутоа истовремено ги повикувам сите граѓани, сите добронамерни луѓе да дојдат и да даруваат. Пораката ја упатувам до младите. Просечната возраст на крводарителите секоја година се зголемува што значи имаме многу повеќекратни дарители, односно повозрасна генерација, отколку млади. Тие треба да се активираат, да се пријават кај нас за дарување на крв. Моментално имаме крв, но треба уште повеќе да се ангажираме особено младите, изјави доктор Дритон Биљали, од службата за трансфузиологија Куманово.

Службата и општинската организација на Црвениот крст имаат одлична соработка. Постојано се организираат акции за дарување. Секретарот на општинската организација на Црвениот крст, Ива Младеновска изјави дека во првата половина од годината организирани биле 22 крводарителски акции на подрачјето на организацијата и собрани биле 1.412 крвни единици. Во однос на претходната година е благо зголемување, тогаш биле организирани 16 акции на кои биле собрани 1.375 единици.

-Соработката со Црвен крст е одлична, се организираат бројни и кај нас треба да доаѓаат граѓаните да даруваат крв на трансфузиологија. Имаме можност два дена во неделата да дарува крв, бидејќи два пати неделно доаѓаат да ја земат крвта од Скопје, додава Биљали.

Тој повторно апелираше до младите да се вклучат во акции бидејќи е добро за здравјето и пред сè е хумано.

-Да се дарува крв како прво и основно е хумано, да му се помогне на човек којшто никогаш во животот не си го запознал и можеби никогаш во животот нема да го сретнеш тоа навистина е хумано. Возраста на крводарителите е од 18 до 65 години, трипати годишно даруваат жените, а на три месеци даруваат мажите, додава Биљали.

Системот го поддржува крводарителството, на оние кои се во работен однос им следуваат слободни работни дена, по десет пати дарување ослободени се од партиципации. ам/дма/


Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан