• сабота, 23 ноември 2024

НБ: Безготовинските платежни трансакции со платежни картички и електронски иницираните кредитни трансфери во земјата и натаму растат

НБ: Безготовинските платежни трансакции со платежни картички и електронски иницираните кредитни трансфери во земјата и натаму растат

Скопје, 10 октомври 2023 (МИА) - Податоците од доменот на платежната статистика за вториот квартал од 2023 година покажуваат дека има тренд на раст во употребата на дигиталните канали за извршување на плаќањата во земјата, особено од граѓаните, како на платежните картички, така и на мобилните апликации за електронско иницирање на кредитните трансфери, т.н. платни налози, информират од Народна банка.

-Годишниот раст на употребата на платежните картички издадени во земјата за готовински трансакции и за плаќање производи и услуги во земјата од страна на граѓаните во вториот квартал од оваа година, во споредба со истиот период минатата година, изнесува 13,9 отсто кај бројот, при солиден раст од 12,5 проценти и кај вредноста на овие трансакции. Притоа, значителен годишен раст од 16,6 отсто е забележан кај употребата на картичките за плаќања производи и услуги во земјата, при засилен раст кај плаќањата на физичките места на продажба од 17,0 отсто, но и висок раст од 11,9 проценти кај плаќања на виртуелните (интернет) продажни места, се наведува во соопштението од Народна банка.

Оттаму посочуваат дека плаќањата на граѓаните со платни налози во истиот период забележаа висок годишен раст од 19,2 отсто кај вредноста и 4,8 проценти кај бројот на остварените трансакции, при видлива натамошна зголемена употреба на електронското банкарство за иницирање на овие плаќања.

-Имено, бројот на електронски иницираните платни налози во вториот квартал од 2023 година забележа годишен раст од 14,2 отсто, што е повеќе за 5,7 п.п. од годишниот раст во вториот квартал од 2022 година (8,5 проценти). Тренд на раст се забележува особено кај употребата на апликациите на мобилните телефони, и тоа од 23,3 отсто, во споредба со истиот период од 2022 година и има послаб годишен раст од 2,7 проценти кај употребата на компјутерите за извршување на плаќањата, посочуваат од Народна банка. 

Податоците од доменот на платежната статистика за вториот квартал од 2023 година, коишто покрај изнесените податоци за платежните трансакции на граѓаните во земјата, како што посочуваат од Народна банка, содржат и податоци за платежните трансакции на правните лица во земјата, се достапни на следнава врска.   дма/аа/

Фото:Народна банка

 

 

 

Остани поврзан