• понеделник, 23 декември 2024

Светска премиера на документарниот филм „Патување пеш“ на Тамара Котевска во Њујорк

Светска премиера на документарниот филм „Патување пеш“ на Тамара Котевска во Њујорк

Скопје, 1 ноември 2023 (МИА) - Документарниот игран филм „Патување пеш“ (The Walk) во режија на Тамара Котевска ќе ја има својата светска премиера на 9 ноември во Њујорк, на DOC NYC, најголемиот американски фестивал за документарни филмови.

Главен продуцент на филмот „Патување пеш“ е една од најголемите наградувани британски филмски компании со фокус кон документарните филмови, GRAIN MEDIA. Kако македонски копродуцент се јавува ОХО Продукција, a филмот е поддржан и од македонската Агенцијата за филм. 

Како што соопшти ОХО Продукција, филмот го следи патувањето на Амал, џиновска кукла висока 3,5 метри, млада бегалка, која патува преку сириската граница во Турција, низ Европа, обидувајќи се да си најде дом. Тоа е филм за детската невиност и моќта на имагинацијата во време на криза која ја следи одисејата на Амал преку два континенти.

Фидаа Зидан од Палестина и Муајад Моин од Сирија се двајцата исклучително талентирани актери кои се дел овој проект, а ја делат истата судбина како огромен број бегалци кои изгубиле се, вклучувајќи ги своите домови и фамилии, но продолжуваат да бараат засолниште.

Во моментов во светот има над 35 милиони бегалци, од кои 14 милиони се деца, а повеќето од нив сирачиња, во чија чест, џиновската кукла Амал активно се движи низ светот со својот патувачки театар.

Филмот се снимаше две години, на територија од повеќе од 10 земји, меѓу Сирија на исток и Обединетото Кралство на запад, како и на бреговите на Јужна Африка.

Во реализацијата на филмот, покрај режисерката Котевска учествуваа и монтажерот Мартин Иванов, кинематограферот Самир Љума и композиторот Дуке Бојаџиев.

Тамара Котевска постигна огромен успех како корежисер на документарниот филм „Медена земја“ во 2019 година, кога филмот доби три награди на култниот американски филмски фестивал „Санденс“, а следната година имаше номинации за Оскар во две категории. мд/са/

Фото: ОХО Продукција 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан