• вторник, 17 март 2026

На Универзитетот во Тетово се одржа шестата јавна дебата за новиот предлог-закон за високо образование

На Универзитетот во Тетово се одржа шестата јавна дебата за новиот предлог-закон за високо образование

Тетово, 25 февруари 2026 (МИА) - Државниот универзитет во Тетово беше домаќин на јавна дебата за новиот предлог-закон за високо образование, на која присуствуваа и претставници на Универзитетот на Југоисточна Европа. Од Државниот универзитет посочија дека нивните професори од сите 13 факултети доставиле забелешки и мислења на нацрт-законот преку единствениот национален електронски регистар на прописи - ЕНЕР.

Ректорот на Универзитетот во Тетово, Јусуф Зејнели, истакна и дека ректорската управа има добиено предлози од 13 наставни научни совети при овие 13 факултети.

- Забелешките се однесуваат на тоа дека наставниот кадар мисли оти се загрозува автономијата на Универзитетот. Второ, има голем број забелешки во насока на акредитација на докторските студии и, трето, што е многу важно, критериумите за избор во наставно-научно звање и тоа да биде во ниво на реалност бидејќи многу важно е да се признаваат и научните списанија кои се дел од нашите единици, односно нашите факултети. На пример, ние имаме 13 научни меѓународни списанија и многу важно и тие да се почитуваат кога професорите добиваат ново звање, да се бројат трудовите во нашите списанија - рече ректорот Зејнели.

Ова е шеста јавна расправа што Министерството за образование и наука ја организира заедно со образовните установи.

Министерката Весна Јаневска рече дека оваа дебата со наставно-научниот кадар и од овој Универзитет, како и сите други што ги посетила, е со цел заеднички да придонесат за подобрување на текстот на законот.

Таа посочи дека законот нуди неколку важни елементи, кои ќе овозможат подобрување на квалитетот на образованието на студентите, кои ќе бидат подготвени со знаења, компетенции и вештини како идни членови на академската заедница и пазарот на труд. 

- Основните начела и политиките, кои се застапени во овој закон, се меритократија, мерливост на квалитет, интернационализација и соработка меѓу универзитетите, дополнително видливост на универзитетите, но и на професорскиот кадар како во земјата така и надвор од земјата, натпревар меѓу универзитетите во земјата и со оние релевантни надвор од земјата, и она што е најважно, што и јас последно го кажувам, но е најважно, нуди стекнување релевантни знаења на студентите и погодности за студирање во нашите универзитети - истакна Јаневска.

На новинарско прашања дали некои програми ќе се затворат, Јаневска рече дека за тоа универзитетите сами ќе одлучуваат. ас/дма/

Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан