• петок, 22 ноември 2024

На територијата на Србија уапсени тројца вооружени косовски специјалци

На територијата на Србија уапсени тројца вооружени косовски специјалци

Белград, 14 јуни 2023 (МИА) – Припадниците на специјалните единици на српската полиција денеска уапсија тројца вооружени косовски специјалци на територијата на централна Србија, јави дописникот на МИА од Белград.

Во соопштението на Министерството за внатрешни работи, се наведува дека припадниците на Антитерористичката група на специјалната полициска единица лоцирале и уапсиле тројца припадници на косовската полиција Р.З., Б.С. и М.Ш. во административната зона кон Косово и Метохија, далеку во длабочината на територијата на централна Србија.

Сите тројца уапсени биле вооружени со автоматско оружје и во целосна воена опрема со ГПС уреди, мапи и друга опрема.

Како што се наведува, „ успешно е спречен обид на косовската полиција да изврши упад на територијата на централна Србија и да спроведе акција која по сите параметри е терористички акт со цел дополнителна дестабилизација и ескалација на конфликтот насочен против Република Србија“.

Полицијата во соработка со надлежното обвинителство ќе продолжи со понатамошната работа, се наведува во соопштението.

На фотографиите што беа објавени од МВР се гледаат тројца припадници на косовската полиција кои се уапсени, како и автоматски пушки, опрема за надзор, радио врски, мапи...

Албанскиот сајт „Коха“ наведува дека настанот се случил во близина на административниот премин Јариње. об/сд/

фото:МВР на Србија

Остани поврзан