• четврток, 26 декември 2024

На сцената на велешкиот театар гостува претставата „Земја на штркови“ на Театар Провокација од Скопје

На сцената на велешкиот театар гостува претставата „Земја на штркови“ на Театар Провокација од Скопје

Велес, 6 декември 2024 (МИА) - Претставата „Земја на штркови“ вечер во 20 часот ќе биде одиграна на големата сцена на Тетарот„Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес, а е работена по мотиви од текстот „Топлината во ноември“ на Јана Добрева, во режија на Роберт Ристов, кој се потпишува и зад адаптацијата и сценографијата. Костимите се креација и спонзорство на Елена Лука. Автори на музиката се Оливер Јосифовски и Давор Јордановски, вокал Вера Милошевска, а кореографијата е на Кренаре Невзати - Кери.

Во претставата играат Мирјана П. Ристов, Роберт Ристов, Изабела Јакимова и Радо Алексовски.

Како што информираат од велешкиот театар, претставата „Земја на штркови“ е претстава која предупредува и отворено говори за причините и последиците од енормниот број иселувања на младите луѓе од татковината, поставувајќи ги прашањата: Дали доколку го гледаме само својот пат, можеме да бидеме среќни? И дали доколку остануваме инертни, можеме да промениме нешто? Дали најлесното и наједноставно решение е да се замине таму некаде во туѓина, барајќи подобро место за живеење, или заминувањето е доживотна болка и непополнета празнина која останува цел живот? Дали овие крици од сцената се последните обиди да нѐ разбудат од летаргичноста, но и од заблудите, и да нѐ натераат да се преиспитаме самите себеси, до кое дереџе сме доведени и дали е крајно време да се преземе одговорност за последицата наречена – бела чума! Дејствието на претставата се одвива во Охрид и ги следи животните разидувања на два пара во однос на иселувањето од Македонија. Едниот – разделен пред 20-тина години, а другиот – го живее моментот на разидување од истите причини. 

Претставата е делумно поддржана од Општина Охрид и од неколку општествено одговорни македонски компании и од медиумски покровители.ад/

Остани поврзан