• четврток, 26 декември 2024

„Љубовен копнеж“ - прв самостоен концерт на Јована Јанкулоска

„Љубовен копнеж“ - прв самостоен концерт на Јована Јанкулоска

Скопје, 26 декември 2024 (МИА) - Во Музејот на македонската борба за самостојност  вечерва во 20 часот, Јована Јанкулоска ќе го одржи својот прв самостоен концерт „Désir d’amour“ (Љубовен копнеж).

- Темата на концертот е љубов, а француската музика е мојата инспирација уште од детството. Со овој концерт заокружувам еден важен период од мојот музички развој и кариера, вели Јанкулоска.

Концертот ќе биде омаж на француската музика и ќе вклучи осум внимателно избрани композиции на француски јазик, кои ја обележаа десетгодишната музичка кариера на Јанкулоска. Тоа се „Voilà“ – победничка на италијанскиот онлајн натпревар Sopravista (2021), „Je t’aime encore“ – награда од Performer Cup Macedonia (2023), „Je suis malade“ – прво место на државниот натпревар по соло пеење организиран од ЗМП (2023), „Hymne à l’amour“ – добитничка на Thalia Award (2024), „Mon Amour“ – лауреат на престижните натпревари Thalia Award и Angel Voice (2024).

- Ова е мојот прв голем проект и зад него стои голема љубов и труд. Сите песни кои ќе ги изведам се посебни за мене бидејќи ми донесоа многу награди и ме инспирираа да го градам својот пат. Се надевам дека ќе создадеме вечер полна со емоции и љубов, истакнува Јанкулоска.

На концертот, Јована ќе биде придружувана со пијано од нејзината професорка Лиле Анастасова, а поддршката и менторството од професорката по соло пеење Гонца Богоромова Краповски, како што вели, е неизмерно значајно за овој проект.

Досега Јанкулоска има освоено повеќе од 30 награди на домашни и меѓународни натпревари и таа е еден од најголемите млади музички таленти во државава. Има настапувано на фестивали во Шпанија, Полска, Малта, Италија и многу други земји.

Билетите се бесплатни. мд/бак/

Фото: Јована Јанкулоска

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан