• недела, 22 декември 2024

На преминот Џепиште-Требиште кај Дебар за три месеци регистрирани 12.798 патници

На преминот Џепиште-Требиште кај Дебар за три месеци регистрирани 12.798 патници

Дебар, 18 септември 2023 (МИА) – На граничниот премин Џепиште-Требиште, на македонско-албанската граница кај Дебар, кој со градот ја поврзува областа Голо Брдо, во летниот период од годинава забележана е видно зголемена фреквенција.

- Во периодот јуни, јули и август на преминот се регистрирани вкупно 12.798 патници. Од вкупниот број 6.366 биле за влез и 6.428 за излез, потврдуваат од Министерството за внатрешни работи.

Тоа, поради зголеменото присуство на печалбарите, роднинските посети, домашните веселби и секако, поради близината, доаѓањето на Македонците од оваа област на пазарување во Дебар, но и за други, пред сè здравствени услуги.

Овој премин, кој беше отворен во мај 2013 година, е од локален карактер и во летниот период работи од 8 до 20 часот, додека во зимскиот од 8 до 18 часот.

Македонците од Голо Брдо во континуитет бараат преминот да работи непречено 24 часа. Токму ова прашање беше во фокусот на средбата што деновиве во Тирана ја оствари македонскиот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски и неговиот албански колега Таулант Бала.

- Двајцата министри се договорија да започнат подготовките од двете страни кои ќе значат позитивен одговор на барањата на македонската заедница во Албанија, поточно областа Голо Брдо, граничниот премин Џепиште-Требиште кај Дебар да работи 24/7, со што ќе се олеснат потребите на Македонците што живеат и работат, наведуваат од македонското министерство.

Оваа активност ја поздрави Македонското друштво „Илинден“-Тирана.

- Дваесет и четиричасовното работење на овој премин ќе биде од голема полза за жителите на Голо Брдо бидејќи сега работи со ограничено време и создава проблеми во комуникацијата и патувањето за Македонија. За нив поблиску е да патуваат до Дебар, отколку до најблискиот албански град Пешкопеја. Ќе се зголеми соработка меѓу жителите од двете страни на границата, а и поголем број туристи ќе ја посетуваат областа Голо Брдо, која располага со многу природни убавини, оцени за МИА, Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото.

Преминот моментно е наменет за жителите во пограничните зони на двете држави, а од 2014 година, по изградбата на асфалтен пат и од албанска страна, се патува и со моторни возила. вт/цр

Фото: МИА и МВР

Остани поврзан