• вторник, 24 декември 2024

На патиштата во Дебарско сообраќајот се одвива тековно, но, поради влажни коловози, се препорачува внимателно возење

На патиштата во Дебарско сообраќајот се одвива тековно, но, поради влажни коловози, се препорачува внимателно возење

Дебар, 24 декември 2024 (МИА) – По обилниот и интензивен дожд во текот на вчерашниот ден и во текот на ноќта, утрово во дебарскиот регион имаше појава на снежни врнежи но со слаб интензитет.

Сообраќајот на сите патни правци, кои се под надлежност на дебарската секција на Јавното претпријатие за одржување на магистрални и регионални патишта, се одвива тековно, но поради влажноста, се препорачува внимателно возење.

-На коловозите нема остатоци од снег, бидејќи врнежите беа слаби па истиот не се задржа. Но, поради влажните коловози и помалите одрони од камен, кои се ретки, се препорачува внимателно возење и строго почитување на патната сигнализација. Наши екипи постојано се на терен, во расчистување на одроните а сообраќајот се одвива тековно, изјави за МИА, Деар Лиманоски, раководител на единица.

Според Лиманоски, кој со екипа беше на увид на патниот правец кон Струга, делница Дебар-Глобочица, по враќање од таму заминуваат за село Лазарополе, каде на патот за ова село има остатоци од снег.

Во пунктот на секцијата, кој се наоѓа во село Долно Косоврасти има доволно количина сол и ризла.

Под надлежност на оваа секција се делниците Дебар – Жировница (патен правец Дебар-Маврово), Дебар - Глобочица (патен правец Дебар-Струга), патот кон граничниот премин „Блато“, потоа кракот Бошков Мост кон селата на Мала Река, како и патот Мелнички Мост-Центар Жупа или над 110 километри. вт/дма/

 

Фото: МИА

Остани поврзан