На зимски распуст во Кочани престојуваат ученици од збратимениот хрватски град Крижевци
- Ученици од основните училишта во хрватскиот град Крижевци дел од зимскиот распуст го поминуваат во Кочани, во рамки на повеќедецениската соработка на двете збратимени општини.

Кочани, 23 февруари 2023 (МИА) – Ученици од основните училишта во хрватскиот град Крижевци дел од зимскиот распуст го поминуваат во Кочани, во рамки на повеќедецениската соработка на двете збратимени општини.
Учениците ги користат капацитетите на туристичко-рекреативниот центар Пониква на Осоговските Планини, а трошоците за нивното сместување и престој се покриени од буџетот на кочанската локална самоуправа.
- Во рамки на престојот во Кочани, младите гости од Крижевци го посетија и ОУ „Малина Попиванова“ каде учествуваа на креативна работилница на која заедно со стручен ментор изработуваа уметнички ракотворби. Притоа, учениците и нивниот ментор остварија средба со градоначалникот Љупчо Папазов и упатија благодарност за гостопримството и ги пренесоа убавите впечатоци од престојот на Пониква, информираа од Општина Кочани.
Зимувањето на учениците што го овозможува локалната самоуправа на Кочани е во рамки на соработката воспоставена уште во осумдесеттите години. Од своја страна пак, градот Крижевци им обезбедува летување на хрватското приморје на најдобрите ученици на генерацијата од училиштата во Кочани. та/цр
фото:Општина Кочани