• петок, 22 ноември 2024

Најстариот жив учител во Виничко промовираше нова книга

Најстариот жив учител во Виничко промовираше нова книга

Виница, 16 ноември 2023 (МИА) – Во општинската библиотека „Ванчо Прке“ во Виница синоќа беше промовирана најновата книга „Цртички од животот“ од авторот Ангел Богатиновски, кој е најстариот жив учител во Виничко.

Промоцијата се одржа во рамки на активностите за одбележување на Месецот на книгата, но беше и пригоден подарок за 91. роденден на авторот на делото.

– Библиотеката „Ванчо Прке“ му го честита роденденот на наставникот Богатиновски со издание на неговите записи од животот. Целта е да зачуваме од заборав записи за дел од локалната историја во која е вткаена љубовта кон семејството, граѓаните, работата, Татковината, истакна Лилјана Капевска, директорка на ЈОУ Библиотека „Ванчо Прке“.

Делото „Цртички од животот“ содржи стихови и проза во пет поглавја: Легенди, преданија, песни за родниот крај; Моето училиште, мојата професија; Мојата најголема љубов; Цртички од животот и Благословена си, жено.

– Во своите записи, Богатиновски ја сместува татковинската љубов во врвните емоции. Таа е видлива во песните за Гоце, Тито, Стојменски, Ванчо Прке, за Рацин, Борис Трајковски, во легендите за Оризари, месноста Добра Вода, за реката Масалница. Народните елементи изобилуваат во неговите творби – свесен за нивното значење, го гради мозаикот наречен македонски идентитет, истакна во промотивната реч Љубинка Ајтовска.

Авторот Ангел Богатиновски, кој и претходно има издавано книжевни дела, а во десеттата деценија од животот сè уште твори, нагласи дека промоцијата на книгата ја доживува како повторно да држи час пред своите ученици и се заблагодари за најубавиот роденденски подарок што некогаш го добил.

Делото „Цртички од животот“ е издание на ЈОУБ „Ванчо Прке“, финансиски поддржано од градоначалникот и Советот на Општина Виница. та/ир

фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан