• среда, 24 септември 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Најмалку 60 лица загинаа во пожар во трговски центар во Ирак, 11 се сметаат за исчезнати

Најмалку 60 лица загинаа во пожар во трговски центар во Ирак, 11 се сметаат за исчезнати

Багдад, 17 јули 2025 (МИА) – Најмалку 60 лица загинаа, а 11 се водат како исчезнати во голем пожар што избувна ноќеска во трговски центар во градот Кут, во источен Ирак, соопштија денеска локалните здравствени власти и полициски извори. Медиумите посочуваат дека жртвите се главно жени и деца.

На снимки објавени на социјалните мрежи се гледа како пламен ја зафаќа петкатната зграда на хипермаркетот, додека пожарникарите се борат со огнената стихија.

– Составивме список со 59 жртви чии идентитети се потврдени. Едно тело е целосно изгорено и засега не може да се идентификува, изјави претставник на здравствените власти во Кут.

Според локалната власт, сѐ уште има тела кои не се извлечени и се наоѓаат под урнатините на изгорениот објект.

Причината за пожарот засега не е утврдена. Гувернерот на провинцијата Васит најави дека првичните резултати од истрагата ќе бидат објавени во рок од 48 часа.

– Поднесени се кривични пријави против сопственикот на зградата и управата на трговскиот центар, изјави гувернерот. ссм/

фото: принтскрин

Остани поврзан