• вторник, 21 јануари 2025

Најмалку четворица загинати во нова операција на израелската армија во Џенин

Најмалку четворица загинати во нова операција на израелската армија во Џенин

Рамала, 21 јануари 2025 (МИА) - Израелската армија соопшти дека почнала голема воена операција во палестинскиот град Џенин на северниот дел на Западниот Брег.

Заедно со домашната разузнавачка служба и полициските сили, во градот почна „антитерористичка операција“ наречена Железен ѕид, објави денеска војската.

Најмалку четворица Палестинци загинаа, а 35 други се повредени при почетокот на операцијата, соопшти Министерството за здравство во Рамала, пренесе ДПА.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека станува збор за „голема и важна воена операција“ која има за цел да ја обезбеди безбедноста на окупираниот Западен Брег.

Џенин се смета за упориште на милитантните палестински групи.

Безбедносните сили на палестинските власти, кои веќе неколку недели беа распоредени против милитантните сили во Џенин, се повлекоа пред почетокот на операцијата, според палестински извори.

Израелските медиуми јавија дека израелските копнени трупи и специјалните сили влегле во градот. Имало и неколку напади со дронови. јт/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан