• петок, 05 декември 2025

Најмалку седум жртви и над 100.000 раселени на Филипините по ударот на тајфунот Калмаеги

Најмалку седум жртви и над 100.000 раселени на Филипините по ударот на тајфунот Калмаеги

Манила, 4 ноември 2025 (МИА) - Најмалку седум лица загинаа, а над 100.000 жители се раселени поради поплавите и другите несреќи предизвикани од тајфунот Калмаеги на Филипините, соопштија денеска локалните власти и националната агенција за катастрофи.

Тајфунот Калмаеги носеше максимална брзина на ветерот од 140 километри на час и налети до 195 километри на час, објави метеоролошката служба во своето најново известување. Тајфунот двапати ја погоди копнената област – прво во провинцијата Јужен Лејте, на полноќ (16:00 часот по Гринич во понеделникот), а потоа во Себу во 5:10 часот утрово.

Меѓу жртвите се едно постаро лице кое се удавило во поплавите во провинцијата Јужен Лејте, едно бебе чие тело е пронајдено во поплавите во градот Себу и 52-годишен маж кој бил пригмечен од паднато кокосово дрво во провинцијата Бохол, соопштија локалните власти и националната агенција за катастрофи.

Локалните власти предупредуваат дека бројот на загинати може да се зголеми.

Според Данило Атиенза од провинциската агенција за управување со ризици од катастрофи, едно лице се води како исчезнато откако било однесено од поплавите во Јужен Лејте.

Тајфунот ги уништи далноводите и комуникациските мрежи во некои од погодените области во централните и источните делови на Филипините, каде што жителите мораа да се качуваат на покривите додека надојдената вода ги поплави нивните домови по ноќните врнежи.

Во провинцијата Себу, поплавите однесоа возила, кои беа натрупани едно врз друго, како и куќи и ѕидови во поплавените области, велат локалните претставници.

- Сè овде во градот Себу е поплавено, никогаш претходно не сме доживеале вакво нешто, изјави Џоел Гарганера, градски советник, во радио интервју. „Ова е нешто различно. Многу луѓе се на покривите. Нивните автомобили се натрупани еден врз друг како плочки.“

Поради лошото време, откажани се повеќе од 130 домашни летови, додека најмалку 9.276 луѓе останаа заглавени откако крајбрежната стража го суспендираше поморскиот сообраќај во погодените области. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан