Најавени кадровски промени во ЈКП „Брегалница“ и почеток на кампањата „Се бориме за почист дом – Делчево со нула толеранција за отпад“
- Кадровски промени во Јавното комунално претпријатие „Брегалница“ и почеток на новата општинска кампања „Се бориме за почист дом – Делчево со нула толеранција за отпад“ најави денеска на прес-конференција градоначалникот на Општина Делчево Иван Гоцевски.
Делчево, 13 ноември 2025 (МИА) – Кадровски промени во Јавното комунално претпријатие „Брегалница“ и почеток на новата општинска кампања „Се бориме за почист дом – Делчево со нула толеранција за отпад“ најави денеска на прес-конференција градоначалникот на Општина Делчево Иван Гоцевски.
Тој истакна дека кампањата е резултат на итната и неодложна потреба да се исчистат дивите депонии кои подолг период се присутни низ општината и претставуваат еколошки проблем за кој граѓаните со право реагираат.
-Иако јавната чистота е во надлежност на ЈКП „Брегалница“, таа не беше одржувана со потребниот интензитет и квалитет во изминатиот период. Претпријатието е „фрлено на колена“, во секоја смисла на зборот. Најавувам длабоки кадровски промени и никогаш повеќе нема да се толерира ароганција и неодговорен однос на кој било локален функционер, а со тоа и на директорот на единственото јавно претпријатие во општината, изјави Гоцевски.
Тој посочи дека техничките служби во комуналното претпријатие работат со десеткуван состав, со недостиг на механизација, човечки ресурси и финансиски средства за гориво и одржување на транспортните средства.
Кампањата „Се бориме за почист дом – Делчево со нула толеранција за отпад“ ќе се реализира во две фази. Првата фаза, која ќе трае од 15 ноември до 15 декември 2025 година, ќе биде насочена кон чистење на сите диви депонии на територијата на Општина Делчево и подобрување на реализацијата на Оперативниот план на ЈКП „Брегалница“ за прибирање и одлагање на комунален, габаритен и инертен отпад.
Втората фаза, планирана за периодот од 2026 до 2029 година, има за цел воспоставување одржлив систем за управување со отпадот преку заедничка работа на локалните институции, приватниот сектор, месните заедници, граѓанските организации и поединци активисти кои се борат за здрава и чиста животна средина.
Градоначалникот Гоцевски најави и формирање на Кризен штаб кој ќе ја координира итната имплементација на Оперативниот план за чистење на Општината.
-Испраќам апел до сите вработени во локалните институции, до граѓанските организации, приватните компании и активистите да се вклучат во оваа акција. Делчево мора да покаже дека може да биде пример за чист и уреден град со нула толеранција кон отпадот, порача градоначалникот.
Со оваа кампања, Општина Делчево започнува нов циклус активности за подигање на јавната свест и создавање на почиста и поздрава животна средина за сите граѓани. вс/вј/
Фото: МИА