• недела, 22 декември 2024

Најавена првата летачка такси-услуга во Чикаго

Најавена првата летачка такси-услуга во Чикаго

Чикаго, 24 март 2023 (МИА) - „Арчер авиејшн“ и „Јунајтед ерлајнс“ склучија партнерство за новата заедничка комерцијална воздушна такси-услуга во Чикаго, САД. Компаниите планираат до 2025 година центарот на градот воздушно да се поврзе со Меѓународниот аеродром „О'Хејр“.

- Возбудливата нова технологија дополнително ќе го декарбонизира нашиот превоз, па така ќе направиме нов чекор кон летовите и борбата против климатските промени. Задоволна сум што жителите на Чикаго ќе бидат меѓу првите што ќе го искусат овој иновативен начин на патување, рече градоначалничката Лори Лајтфут.

Покрај тоа што е седиште на „Јунајтед“, аеродромот во Чикаго е идеален за тестирање такси-летала. На пр., возењето меѓу аеродромот и западното предградие Розмонт може да трае од 35 минути до повеќе од еден час во зависност од сообраќајот. Дури и во еден од градските возови, возењето трае околу 45 минути. Проценките говорат дека лет со летачко такси меѓу центарот на Чикаго и аеродромот ќе трае само 10 минути.

Програмата првично ќе биде ограничена само на оваа рута, но има планови и за други рути во иднина.

Чикаго има сложен превозен систем со возови и автобуси, а целта на властите е сите автобуси да бидат електрични до 2040 година. Во овој град денес се користат 23 електрични автобуси. Ако се оди според планот, летачкото такси ќе помогне да се намалат штетните гасови и сообраќајниот метеж, предвидува градската управа.  си/

Фото: Јутјуб, фотоисечок.

Остани поврзан