• вторник, 07 мај 2024

Тркалезна маса „Поголема примена на алтернативните мерки“

Тркалезна маса „Поголема примена на алтернативните мерки“

Скопје, 29 ноември 2023 (МИА) - Градење на капацитети и зголемување на знаењата на клучните институции во процесот на имлементација на алтернативните мерки, како до поефикасно балансирање меѓу предностите и недостатоците во конкретни случаи и ефективно справување со предизвиците при примена на алтернативните мерки, се темите на кои ќе се дискутира денеска на тркалезната маса „Поголема примена на алтернативните мерки“, во организација на тимот на проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, финансиран од Европската унија.

Крајната цел, како што соопштија организаторите, е да се постигне стимулирање на незатворските мерки, кои обезбедуваат рамнотежа меѓу правата на сторителот, правата на жртвата и интересот на општеството, односно казната затвор да биде применувана како последно средство.

На настанот поздравни обраќања ќе имаат Дејвид Гир, амбасадор на Европската Унија во
Северна Македонија, Викторија Аврамовска Мадиќ, заменик министерка за правда, Јовица
Стојановиќ, директор на Управата за извршуње на санкции и Барбара Лигл, лидерка на
компонента – Фундаментални и човекови права на проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на
правото“.

Своите искуства со примена на алтернативни мерки ќе ги споделат Дубравка Рукавина, претседателка на Општински суд во Госпиќ, Хрватска и Горан Бркиќ, раководител на Секторот за пробација при Министерството за правда и администрација од Хрватска.

- Тркалезната маса во Скопје е прва тркалезна маса од вкупно четири кои ќе се одржат со претставници од релевантните институции низ Македонија. На тема „Поголема примена на алтернативните мерки“ ќе се дискутира и во Штип, Гостивар и Битола. Проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“ има за цел зајакнување на владеењето на правото во Република Северна Македонија. Проектот е дизајниран да ги поддржи релевантните институции кои работат на полето на правдата, организиран криминал, борба против корупција и промоција и заштитата на основни и човекови права за подобрување на нивните капацитети, ефективност и влијание, се појаснува во соопштението од тимот на проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“.

Проектот е целосно финансиран од Европската Унија, а имплементиран од Лудвиг Болцман Геселшафт - Институтот за основни и човекови права (LBI-GMR), Министерството за внатрешни работи на Словенија, Министерството за правда и јавна администрација на Хрватска и Центарот за меѓународна правна соработка.

Времетраењето на проектот е 36 месеци со предвидено продолжување за дополнителни 6 месеци со буџет од 10,25 милиони евра. цр/бак/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан