• понеделник, 22 април 2024

Театарот за деца и младинци одбележува 33 години постоење

Театарот за деца и младинци одбележува 33 години постоење

Скопје, 25 март 2023 (МИА) - Театарот за деца и младинци (ТДМ) денеска одбележува 33 години од основањето. Тој е  единствениот национален театар специјализиран за програма за деца и млади.

Со одлука на Владата е формиран на 2 февруари 1990, а првата претстава за публика ја има изведено на денешен ден во 1990 година.

-Пред точно 33 години започна нашата приказна и денес нема ни родител ни дете што не сака да ја слуша и гледа. Пред повеќе од три декади група вљубеници во театарот и професионалци поставија темели со кои е незамисливо детството и растењето на секое дете... Пораснавме, а на нашата мала сцена уште се играат приказни во кои постојат огромни, невидени пространства. Пораснавме, а на нашата прескромна сцена сè уште актерите се бркаат и едвај се разминуваат за да не се судрат или закачат со костимите... Пораснавме, а сè уште нашето гледалиште брои 112 седишта и нема доволно карти колку што има желба да се биде на претстава кај нас..., наведува ТДМ на годишнината од постоењето. 

На триесет и третиот роденден, ТДМ на својот репертоар вечер од 19 часот ја има претставата „Палешка“, според мотивите од истоимената бајка на Ханс Кристијан Андерсен, во режија и драматизација на Давор Драгојевиќ. хс/бак/

Фото: Театар за деца и младинци

 

Остани поврзан