Културно-уметничка програма по повод 23 Август – Ден на Берово
- Општина Берово денеска ќе го одбележи својот празник со културно-уметничка програма што ќе се одржи во Бизнис инкубаторот, со почеток во 10 часот.
Берово, 23 август 2025 (МИА) - Општина Берово денеска ќе го одбележи својот празник со културно-уметничка програма што ќе се одржи во Бизнис инкубаторот, со почеток во 10 часот.
Настанот е посветен на оддавање почит и афирмација на културното наследство на беровскиот крај, а програмата ќе ја отвори професорот по народни инструменти и долгогодишен музички педагог Тимко Чичаковски.
-Со изведби на канон – еден од најстарите инструменти на Балканот, тој ќе ја прикаже богатата музичка традиција, а на сцената ќе му се придружи вокалистката Ленче Димовска, се вели во најавата за настанот.

Во рамки на одбележувањето ќе биде оддадена и посебна почит на Љупчо Дучевски, кој постхумно ќе биде одликуван за својот придонес во културниот живот на општината. Во холот на Бизнис инкубаторот ќе биде поставена изложба на фотографии од неговите настапи, како и проекција на филм посветен на неговото животно и творечко патешествие.
Организаторите најавуваат дека настанот е можност граѓаните да се потсетат на имињата кои оставиле трага во културниот развој на Берово и да го прослават празникот на Општината со музика, сеќавања и благодарност. вс/мд/
Фото: МИА архива и Општина Делчево