• недела, 17 ноември 2024

„Колекција од мемории" изложба на Викторија Попоска во Струга

„Колекција од мемории

Струга, 1 ноември 2024 (МИА) - „Колекција од мемории" е насловена изложбата на Викторија Попоска што вечер ќе биде отворена во фоајето на центарот за култура „Браќа Миладиновци" во Струга.

Изложбата, како што соопшти Центарот за култура, е сочинета од дела создавани низ различни периоди изминативе години.

- Колекција од мемории кои раскажуваат разни од апстрактни до конкретни приказни во кои сите можат да погледнат и да пронајдат дел од себе во делото, бидејќи, на крајот од денот, секое дело е како и секој живот - колекција од мемории, секој човек/уметник е сложувалка од сите луѓе и настани кои го опкружуваат, стои во информацијата за изложбата.

Викторија Попоска е дипломиран сликар со конзервација и реставрација на Факултетот за ликовна уметност, каде ја добила наградата „Борко Лазески“ за најинвентивен сликар во 2015 година.

Во септември 2016 година ја реализира нејзината прва самостојна изложба под наслов „Запознавање“ во Музеј на Град Скопје. Истата година учествува на „Паратисима“, настан кој ја промовира уметноста и креативноста во сите нејзини форми, каде што ја добива специјалната награда „Понте ди пиетра“, по што следува нејзиното учество на „Паратисима ту д старс“ (Paratissima to the stars) во Торино, Италија.

Добитничка е и на Награда за млад уметник од Национална галерија на Македонија. Во 2022 година ја создава уметничката книга „Убавината на минливоста“, а се јавува и како сценограф на претставите „Петар Пан-последната битка“ и „Океанија”.

Во соработка со Христина Тодороска Петреска и „Порака нова“ ги создадоа разгледниците „На наши места ја да си идам“ дел од програмата на министерството за култура „Цртај на Македонски јазик“.

Меѓу многубројните изложби се и претставувањето во нејзиниот роден град Струга, во галеријата „Коџоман“, учества на фестивалот „Дрим он“, многубројни групни изложби, бројни перформанси, ликовни колонии. сс/ар/
Фото: Плакат

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан