• вторник, 20 август 2024

Дебата за одржлив развој на општините на Факултетот „Хајделберг“ во Скопје

Дебата за одржлив развој на општините на Факултетот „Хајделберг“ во Скопје

Скопје, 20 август 2024 (МИА) - На Факултет „Хајделберг“ во Скопје денеска, од 11 до 14 часот, ќе се одржи форумска дебата на тема „Државните стратегии и предизвиците за одржлив развој на општините“. Организатори на настанот се Факултетот Хајделберг во Скопје, Институтот за бизнис и менаџмент ХАЈДЕЛБЕРГ, во соработка со Првата македонска банкарска академија – АБИТ.

Во првиот панел најавено е присуство на градоначалникот на Општина Кисела Вода и Претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски, како и на градоначалниците на општините Тетово и Центар, Биљал Касами и Горан Герасимовски. На панелот ќе присуствува и претседателот на Сојузот на стопански комори Трајан Ангелоски.

Темите на дискусија на првиот панел ќе бидат јавни политики на единиците на локалната самоуправа ориентирани кон одржливиот развој и подобрување на процесот на менаџирање на економските политики од централната власт кон влијанието на единиците на локалната самоуправа.

Во вториот панел ќе учествуваат градоначалниците на општините Куманово, Аеродром и Ѓорче Петров, Максим Димитриевски, Дејан Митески и Александар Стојкоски. Најавено е учество и на претседателот на Стопанската комора на северо-западна Македонија Менди Ќира.

Темите на дискусија на вториот панел ќе бидат: капитални инвестиции, инфраструктурен развој и фискална децентрализација и предизвиците на земјите-кандидати за членство во ЕУ – независност на единиците на локалната самоуправа.

- Целта на оваа форумска дебата е сите релевантни позиции, засегнати и одговорни за дадените теми да разменат мислења, ставови и да се поттикне пред сè планирање или дефинирање на идни чекори и активности, кои, ќе дадат придонес за постигнување на целите дефинирани на дебатата. Високиот профил на говорници дополнително, сме на мислење дека ќе влијае за испраќање на важни пораки и поттикнување на идни решенија, велат организаторите. ир/нд/

Фото: МИА архива

Остани поврзан