• вторник, 12 ноември 2024

Во Кривичен продолжува судењето за двојното убиство на Вања и Панче

Во Кривичен продолжува судењето за двојното убиство на Вања и Панче

Скопје, 16 октомври 2024 (МИА) – Со изведување на докази од страна на Обвинителството во Основниот кривичен суд Скопје денеска во 10 часот треба да продолжи судењето за двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски. 

На минатото рочиште сведочеше мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска, како и ќерката на Жежовски, Ана Киркова и нејзиниот сопруг, Тодор Кирков. 

Мајката на убиената Вања Ѓорчевска изјави дека не ги познава обвинетите за убиството на нејзината ќерка. На расправата таа сведочеше за денот кога нејзината ќерка исчезнала и потрагата по неа.

Киркови сведочеа за моментот кога увиделе дека го нема Жежовски, пријавата во полиција и неговото пронаоѓање.

Адвокатот Марјан Витановски, бранител на првообвинетиот Љупчо Палевски за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, по рочиштето изјави дека исказот на мајката на Вања, не може да се доведе во поврзаност со конкретните кривични дела кои му се ставаат на товар на првообвинетиот Љупчо Палевски, додека адвокатот Владимир Туфегџиќ, бранител на таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој е исто така осомничен во случајот, вели дека со исказот на Зорица Ѓорчевска се расчистиле сите шпекулации.

На првото одржано рочиште обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни.

Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп.

На 22.11.минатата година, обвинетиот заедно со уште тројца претходно обвинети заеднички извршиле грабнување на оштетениот Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.

Во врска со овој случај е осомничено уште едно лице за помагање по извршување на кривичното дело против кого постапката ќе се води одвоено.

Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска. ар/бак/

Фото: МИА архива 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан