• понеделник, 23 декември 2024

Ескобар на средби со Ковачевски и Мицкоски, Вашингтон очекува да продолжат евроинтеграциските процеси

Ескобар на средби со Ковачевски и Мицкоски, Вашингтон очекува да продолжат евроинтеграциските процеси

Скопје, 25 август 2023 (МИА) – Заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, денеска ја продолжува посетата на државава со средби со премиерот Димитар Ковачевски и со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. По средбата на Ковачевски и Ескобар тие претпладне ќе одржат заедничка прес-конференција во Владата.

Ескобар е во дводневна посета на државава, а следува по започнувањето на собраниската процедура за усвојување на уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот како услов земјава да ја одржи втората меѓувладина седница и да ги продолжи преговорите со Европската Унија. Првата средба на Ескобар беше вчера со претседателот Стево Пендаровски, и на неа, како што информираше претседателскиот Кабинет, е изразено очекувањето на официјален Вашингтон дека Северна Македонија ќе го продолжи патот кон полноправно членство во Европската Унија. 

Gabriel Escobar, US Department of State's Deputy Assistant Secretary for the Bureau of European and Eurasian Affairs and Special Representative to the Western Balkans, met Thursday afternoon

- На средбата беше потврдена и поддршката на САД за европските аспирации на нашата земја и се разговараше за следните чекори кои треба да ги преземе Северна Македонија со цел да напредува во ЕУ интегративниот процес, како и за состојбите во поширокиот регион, во контекст на руската агресија врз Украина, соопшти Кабинетот на Претседателот.

Во пресрет на посетата на Ескобар премиерот Ковачевски вчера најави дека со американскиот функционер ќе разговараат за национални, билатерални и регионални прашања од интерес на Северна Македонија. Порача дека уставните измени се исклучително важна одлука за иднината на државата, која што е пред пратениците и која не задира во ниту едно идентитетско прашање на македонскиот народ.

- Уставните измени така како што се предложени во Собранието за кои отпочна процесот во Собранието преку усвојување на дневниот ред и изнесување на ставовите на политичките партии, сите се уверивте дека не предизвикаа никакви турбуленции или негативни коментари од кој било во државата. Тие беа консултирани и со експертската јавност и со невладиниот сектор, и со политичките партии и изработена од експертско-политичка група – работна група која што беше формирана од Министерството за правда, рече премиерот.

Мицкоски, пак, пред посетата на Ескобар порача дека е важно секој кој доаѓа во нашата држава без разлика од каде доаѓа, да има добра намера. Го повтори барањето за предвремени парламентарни избори и ставот дека нема поддршка за уставните измени од опозициската партија.

- Важно е секој кој доаѓа во нашата држава, без разлика од каде доаѓа, да има добра намера. Кога зборувам за добрата намера, зборувам за аргументите кои што очекуваме да ги слушнеме, а очекуваме другата страна да ги слушне и нашите аргументи. Она што е важно и што треба секој да го знае е дека Владата на ДУИ и СДСМ го изгуби кредибилитетот и таа е единствената пречка за интеграција на Македонија во ЕУ. Колку побргу ова го сфатат, толку побргу ќе се придвижат работите напред. Брзи парламентарни избори се единственото решение ако сакаме да се движиме напред. Сѐ останато е дополнително тапкање во место, рече Мицкоски.

Според мего, можна е лидерска средба, но, како што рече, на која ќе се разговара само околу датумот за предвремени парламентарни избори и динамиката на законските измени во делот на техничка влада.

- Подготвени сме на брзи парламентарни избори без техничка влада. Сега само тоа е на маса, изјави вчера лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Потенцираше дека секој оној кој што сака да разговара за ова прашање е добредојден. Додаде дека сѐ останато што се случува во моментот го смета за тортура и притисок кој се случува и во јавноста и ВМРО-ДПМНЕ на тоа ќе се спротистави.

Неговиот ставот што го изнесе претходно „дека има обиди од Европа и од светот да ја скршат ВМРО-ДПМНЕ нивните пратеници да гласаат за уставни измени“,  вчера го коментираше Ковачевски, кој вели дека тоа го потсетува на 11-те години на претходниот прв човек на опозициската партија.

Пласирање на тези дека постои светска завера, наведе премиерот, во ниту еден случај не им оди во прилог на граѓаните ниту на државата, освен на политичка кариера на тој што го кажува.

Дополни дека покрај сите хистерии и лажни обвинувања дека ќе настанела бугаризација,  асимилација, губење на јазик и на идентитет, ние ги почнавме преговорите со ЕУ со заштитен и признаен македонски јазик и идентитет преку резолуции на германскиот Бундестаг. 

-Она што следува во американскиот Конгрес преку изјави на сите највисоки раководители од Европа тука во нашиот Парламент за значењето на македонската култура, историја, идентитет итн. Затоа сметам дека една држава која што има стратешко партнерство со САД како ниедна друга земја во овој регион, која што е земја членка на НАТО пласирање на тези дека постои светска завера во ниту еден случај не им оди во прилог на граѓаните ниту на државата, освен во политичка кариера на тој што го кажува, изјави премиерот Ковачевски.

Од прес-службата на Стејт департментот  вчера порачаа дека заменик-помошникот државен секретар на САД Габриел Ескобар се надева на продуктивни и заеднички дискусии со владините лидери за време на неговата посета на Северна Македонија.

- Ескобар патува во Северна Македонија за да разговара за билатерални и регионални прашања и да продолжи да го зајакнува нашето партнерство со ценет НАТО сојузник. Тој се надева на продуктивни и заеднички дискусии со владините лидери за време на неговата посета, особено поврзани со идната интеграција во ЕУ и долгорочниот просперитет на Западен Балкан, изјавија од прес-службата на Стејт департментот за Гласот на Америка на македонски.ар/лв/

 

 

 

 

 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан