• понеделник, 23 декември 2024

Началникот на армискиот Генералштаб Ѓурчиновски на заседание на Воениот комитет на НАТО 

Началникот на армискиот Генералштаб Ѓурчиновски на заседание на Воениот комитет на НАТО 

Брисел, 17 јануари 2024 (МИА) - Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски денеска и утре ќе учествува на заседанието на Воениот комитет на НАТО во седиштето на Алијансата во Брисел. 

На заседанието, со кое ќе претседава претседателот на Воениот комитет, адмирал Роб Бауер, ќе присуствуваат началниците на Генералштабовите на Вооружените сили на земјите членки на НАТО, нивниот шведски колега, како и врховниот командант на Сојузничките сили за Европа, генерал Кристофер Каволи и заменик врховниот командант на Сојузничките сили за трансформација, генерал Крис Бадија. 

Како што соопшти НАТО, заседанието на Воениот комитет ќе претставува можност началниците на Генералштабовите на сојузничките земји да разговараат за прашања од стратешко значење за Алијансата. 

Претпладнево на почетокот на заседанието на членовите на Комитетот ќе им се обрати заменик-генералниот секретар на НАТО, Мирчеа Џоана, кој ќе се осврне на клучните приоритети и предизвици на Алијансата. 

Во текот на денешниот ден во рамки на заседанието ќе се одржат пет сесии, од кој првата посветена на Плановите за одвраќање и одбрана на Евроатлантската област (ДДА), на која генерал Каволи ќе ги информира членовите на Комитетот за постигнатиот напредок во имплементацијата и извршноста на плановите усвоени на ланскиот Самит на НАТО во Вилнус. Во рамки на оваа сесија началниците ќе дискутираат и за капацитетите на одбранбената индустрија и оперативното планирање и спроведување. 

Во рамките на втората денешна сесија насловена „Воена трансформација“, генералот Бадија ќе информира за процесот на трансформацијата на НАТО, осоебно од аспект потребата на севкупна кохерентност во постигнувањето на колективна одбрана и консолидирано одвраќање, со фокус на операции со повеќе домени, рационализирана команда и контрола, беспрекорна интероперабилност и континуирано подобрување на капацитетите за квалитет и квантитет. Началниците во овој дел ќе разговараат и за Патоказот за прилагодување на сегашните и идните закани. 

Од денеска до недела во норвешкиот главен град Осло ќе се одржи годишната Конференција на Воениот комитет на НАТО посветена на зајакнување на одвраќањето и одбранбената положба на Пактот, на

На третата сесија „Интегрирана воздушна и ракетна одбрана“ ќе стане збор на можностите на нејзина подобра готовност, подготвеност и интероперабилност во мирновременски услови, кризи и за време на конфликт, а на четвртата сесија насловена „Приоритетите на НАТО за одвраќање и одбрана“ началниците на Генералштабовите ќе разговараат за насоките во однос на военото одвраќање и одбранбените приоритети на Алијансата, со фокус на клучните барања во пресрет на овогодишниот Самит на Северноаталснтскиот пакт во Вашингтон. 

Последната денешна сесија ќе биде седница на Советот НАТО-Украина, што првпат ќе се одржи на ниво на началници на Генералштабови, и на неа ќе се разговара за руската агресија врз Украина, за ситуацијата на теренот и постојаната поддршка на Алијансата за земјата. 

Утрешното продолжение на заседанието ќе започне со средба на началниците на Генералштабовите со нивните колеги од земјите членки на Партнерската група за застапување за интероперабилноста (ПИАГ) - Австралија, Австрија, Ирска, Нов Зеланд и Швајцарија. ПИАГ е формат на индивидуален безбедносен договор со земји што не се членки на НАТО, кој овозможува размена на доверливи информации и учество во обуки и вежби на Алијансата. Дискусиите во овој дел ќе се фокусираат на сегашните и идните можности за воена интероперабилност. 

Во продолжение началниците на Генералштабовите со нивните колеги од Австралија, Јапонија, Кореја и Нов Зеланд ќе дискутираат за стратешката безбедносна ситуација во Индо-пацифичкиот регион, регионалните предизвици и нивните импликации врз глобалната безбедност.  

Заседанието на Воениот комитет ќе заврши со обраќање на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг посветено на актуелните политички цели и насоки пред средбата на министерите за одбрана на земјите членки на Алијансата идниот месец во Брисел и Самитот на Пактот во Вашингтон во јули годинава. 

За време на заседанието на Воениот комитет, генерал Ѓурчиновски ќе има можност да разговара со неговите колеги и за повеќе теми кои се од взаемен билатерален интерес во сферата на одбраната. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан