• недела, 22 декември 2024

Намалување на невработеноста во ЕУ во ноември 2023 година 

Намалување на невработеноста во ЕУ во ноември 2023 година 

Брисел, 12 јануари 2024 (МИА) - Сезонски приспособената стапка на невработеност во ЕУ лани во ноември изнесувала 5,9 отсто, што претставува намалување на месечно ниво за 0,1 процентен поен од октомвриските шест проценти и за 0,2 процентни поени споредено со 6,1-те отсто во истиот месец во 2022 година, соопшти Европската статистичка агенција – Евростат. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, во Еврозоната, пак, стапката на невработеност во ноември 2023 година била 6,4 отсто, што исто така претставува намалување за 0,1 процентен поен на месечно и за 0,3 процентни поени на годишно ниво. Во октомври 2023-та стапката на невработеност во Еврозоната беше 6,5, а во ноември 2022 година - 6,7 проценти.  

Според проценките на Евростат, лани во ноември во ЕУ имало 12,954 милиони невработени лица, од кои 10,970 милиони живееле во земјите членки на Еврозоната. 

Споредено со претходниот месец, бројот на невработени во ЕУ се намалил за 144.000, а во Еврозоната за 99.000. Во однос, пак, на ноември 2022 година, невработеноста во ЕУ е намалена за 283.000, а во Еврозоната за 282.000. 

Кога станува збор за невработеноста кај младите, во ноември 2023 година во ЕУ биле невработени 2,814 милиони лица на возраст под 25 години, од кои 2,321 милиони биле од Еврозоната.  

Така, ноемвриската стапка на невработеност кај младите и во ЕУ и во Еврозоната била 14,5 отсто, што претставува намалувања за 0,3 процентни поени на месечно ниво и во двата реона од октомвриските 14,8 проценти. 

Во споредба со претходниот месец, бројот на невработени млади луѓе во ЕУ лани во ноември е намален за 60.000, а во Еврозоната за 54.000. На годишно ниво, пак, бројот на невработени млади е зголемен за 36.000 во ЕУ и за 49.000 во Еврозоната. 

Гледано по полови, во ноември 2023 година стапката на невработеност меѓу жените во ЕУ била 6,2 отсто што претставува намалување на месечно ниво за 0,1 процентни поени од октомвриските 6,3 проценти, додека меѓу мажите била 5,7 отсто и останала непроменета во споредба со претходниот месец. 

Во Еврозоната, стапката на невработеност кај жените била 6,8 отсто, а кај мажите 6,1 проценти. Во октомври 2023-та стапката на невработеност кај жените беше 6,9, а кај мажите 6,2 отсто. сп/ссм/

Фото: МИА Архива/Евростат

Остани поврзан