• понеделник, 23 декември 2024

Намален бројот на крводарувања во Куманово поради пандемијата, годинава се очекува да се стабилизира состојбата

Намален бројот на крводарувања во Куманово поради пандемијата, годинава се очекува да се стабилизира состојбата
Куманово, 24 јануари 2022 (МИА) - Општинската организација на Црвениот крст во Куманово лани како и претходната година бележи помал број собрани крвни единици и помал број организирани крводарителски акции, поради состојбата со пандемијата. Лани се одржале 33 крводарителски акции и биле собрани 2.166 крвни единици. - Лани беа собрани 2.166 крвни единици, што е за 382 повеќе споредено со претходната 2020 година. И минатата година имавме потешкотии со организирање на крводарителски акции во училиштата поради протоколите, па голем број од акциите беа организирани во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, што индиректно влијаеше на намалување на бројката, изјави Ива Младеновска, стручен соработник за крводарителство од Црвен крст - Куманово. Пред пандемијата, кумановскиот Црвен крст организираше 40 крводарителски акции на годишно ниво. Оттаму најавија дека на 4 февруари ќе се одржи традиционалната крводарителска акција со рибарското друштво „Мак Дам“ во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ од 10 до 17 часот. Се надеваат дека годинава состојбата ќе се стабилизира. - Во 2022 година со стабилизирање на состојбата со пандемијата и со почитување на препораките и протоколите за заштита се очекува да се зголеми и бројот на крводарувања и да се организираат што поголем број крводарителски акции, особено помеѓу средношколците кои следат настава со физичко присуство. Воедно, очекуваме и приватните компании кои во минатато организираа крводарителски акции да се охрабрат и годинава да ги реализираат акциите, рече Младеновска.ам/фф/

Остани поврзан