Над четири илјади посетители во Вински музеј Кавадарци во 2025 година
- Над четири илјади посетители го посетија Вински музеј Кавадарци во 2025 година, ова е рекорд во петгодишното постоење. Директорката на Винскиот музеј Кавадарци, Елизабета Ристова во изјава за МИА вели дека расте бројот на заинтересирани лица од земјава и странство, кои сакаат да ги видат музејските експонати и да се запознаат со вековната традиција во лозаровинарството, во најголемиот регион за лозарство и винарство во државата.
Кавадарци, 2 јануари 2026 (МИА) - Над четири илјади посетители го посетија Вински музеј Кавадарци во 2025 година, ова е рекорд во петгодишното постоење. Директорката на Винскиот музеј Кавадарци, Елизабета Ристова во изјава за МИА вели дека расте бројот на заинтересирани лица од земјава и странство, кои сакаат да ги видат музејските експонати и да се запознаат со вековната традиција во лозаровинарството, во најголемиот регион за лозарство и винарство во државата.
- Вљубениците во лозарската традиција и сите оние кои сакаат да слушнат нешто повеќе за историјата, традицијата и културата на ова поднебје, го имаат Вински музеј како задолжителна дестинација. Тие се воодушевени од сите предмети што зборуваат за минатото на лозаровинарството во Тиквешијата. Особено внимание привлекува стариот дрвен првобитен фрижидер, во кој своевремено се собирал лед од таканаречените ледари и се чувал во време кога немало модерни фрижидери како денешните, нагласи Ристова.
Таа подвлече дека како општинска установа, секогаш ја имаат поддршката од локалната самоуправа.
Меѓу другото, музејот е и на агендата на туристите со коњи, кои транзитираат низ земјава, со цел да се запознаат со македонските убавини.
Вински музеј е сместен во градскиот парк во Кавадарци, еден од најубавите во државата. свд/фф/
Фото: МИА