• недела, 24 ноември 2024

На денешен ден

На денешен ден
26 ноември 2022 (МИА) 1504.- Умрела шпанската кралица Изабела I Католичка, кралица на Кастиља од 1474 година. Со стапувањето во брак со Фернанд II Арагонски во 1479 година ги соединила Кастиља и Арагон и ја создала Шпанија. Во настојувањето да ја засилат римокатоличката црква и монархијата во 1480 година го втемелиле судот на инквизиција. Борбите со Маварите победоносно ги завршиле во 1492 година, протерувајќи ги од јужната шпанска покраина Гранада. Истата година ја опремиле експедицијата на Крисифор Колумбо која ја открил Америка, а во 1503 година од Франција го презеле Неаполското кралство. 1703.- Во дводневната „Голема луња“ во јужна Англија загинале најмалку 8.000 луѓе. 1812.- Француската војска предводена од Наполеон Бонапарта претрпел тешки загуби при повлекувањето од Москва преку Березин. 1855.- Умрел полскиот писател Адам Мицкијевич, најголем полски романтичар, чии дела се одликуваат со исклучително богат и сликовит јазик. Умрел во Турција каде дошол за време на Кримската војна со намера да формира полска заедница за борба против Русија. Познати дела: збирка песни „Балади и романси“, „Кримски сонети“, еповите „Гражина“, „Конрад Валенрод“ и други. 1857.- Во Мелбурн, Австралија, било отворено Заседанието на првиот австралиски парламент. 1888.- Во Сен Луис, Мисури, САД, е роден Томас Стерн Елиот, американско-англиски писател, критичар и есеист. Меѓу познатите негови дела се „Пруфрок и други опсервации“, „Пуста земја“, „Шупливи  луѓе“, „Четири квартети“, „Убиство во катедралата“, „Семеен собир“ и други. Во 1948 година ја добил Нобеловата награда за литература. Умрел во Лондон, на 4 јануари 1965 година. 1922.- Отворена била гробницата на фараонот Тутанкамон, која ја открил англискиот археолог Хауард Картер. 1924.- На Третиот вонреден конгрес на Социјалистичката партија на Грција учествувал и македонскиот револуционер Трифун Хаџијанев и тоа како делегат на воденската организација. На овој конгрес грчката партија ги прифати решенијата на Коминтерната за правото на самоопределување, а во таа смисла и за правото на македонскиот народ за создавање сопствена држава. 1939.- Со напад на советската армија почнала Советско-финската војна. Во октомври 1939 година, Советскиот Сојуз поставил силни гарнизони во Литванија, Летонија и во Естонија, а од Финска побарал дел од територијата за воена одбрана на Ленинград (Санкт Петербург) и заштита на мурманските пруги. Бидејќи владата во Хелсинки барањето го одбила, советската армија продрела во Финска, а со пробивот на фронтот, на 12 март 1940 година потпишан бил мир со кој Советскиот сојуз ги добил бараните области. 1940.- На Хитлерова заповед било создадено варшавското гето во кое есесовците протерале околу половина милион Евреи не само од Варшава, туку и од други градови во Полска, па дури и од Германија. Десетици илјади луѓе умирале од глад и од болести. Повеќе од 310.000 Евреи оттаму биле испратени во логорите на смртта, каде што биле убиени во гасни комори. 1942.- Во Бихаќ, во Втората светска војна, е основано Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Југославија. На Заседанието 54 делегати го избрале Извршниот одбор - АВНОЈ на чело со д-р Иван Лола Рабар. Тоа било некаков вид  влада на ослободените територии до Второто заседание на АВНОЈ во Јајце 1943 година, кога бил избран Националниот комитет. 1949.- Индија го прифатила уставот со кој таа се организирала како федерална република во рамките на британскиот Комонвелт. 1952.- Умрел шведскиот истражувач и патописец Севен Андерс Хедин, кој ја предводел експедицијата во Таримската котлина, Синканг, на Тибет, во Монголија и во подрачјето на Хималаите. Дела „Низ азиските пустини“, „Во срцето на Азија„, „Јужен Тибет“, „Трансхималаи“, „По копно во Индија“, „На големата пловидба“. 1965.- Франција го лансирала својот прв вештачки сателит. 1966.- Во Рогдаел, Австралија, било формирано Македонското КУД „Илинден“. 1970.- Еден боливиски сликар, облечен како свештеник, се обидел во Манила, главниот град на Филипини, да го убие папата Павле VI, но не успеал. 1978.- Муслиманските верски лидери и политичари кои настојувале да го симнат шахот Реза Пахвали прогласиле генерален штрајк со кој Иран бил парализиран. 1983.- Умрел Евгени Савов, судија на Врховниот суд на Македонија и долгогодишен соработник на весникот "Нова Македонија". Подолго од две и пол децении ја уредувал рубриката "Правен советник", преку која весникот "Нова Македонија" директно кореспондирал со илјадници читатели во Македонија, давајќи им потребни совети и упатства. 1987.- Тајфун усмртил 270 Филипинци и разурнал околу 14.000 куќи. 1986.- Во Скопје излегол првиот број на додатокот за литература, идеи и култура на весникот "Нова Македонија" - "ЛИК". Во првиот број, во опсежно интервју академикот Блаже Конески укажал на судбинската одговорност на Македонците кон сопствениот јазик и идентитет. Подоцна станала многу цитирана неговата реченица „Јазикот е нашата единствена целосна татковина“. 1991.- Бил пуштен во употреба автопатот Титов Велес - Градско. 2000.- Рупубликанецот Џорџ Буш Јуниор по повеќе од 20 дена по претседателските избори во САД бил прогласен за победник во Флорида. Ова мачно натегање настанало поради пребројување на гласовите во Флорида кое било прекинато врз основа на судска одлука. Електронските гласови од Флорида (25) пресудно влијаеле за кандидатот на Републиканската партија на Буш да биде прогласен за претседател на САД. 2006.- Швајцарците на референдум одлучиле да им дадат економска помош на најновите членки на Европската унија во висина од 620 милини евра со што продолжила блиската соработка на оваа земја со ЕУ. Повеќето граѓани со право на глас го поддржале предлогот, а истиот најголема поддршка добил во градовите на француското говорно подрачје. Две години порано членки на Унијата станале Кипар, Чешка, Естонија, Унгарија, Летонија, Литванија, Малта, Полска, Словачка и Словенија. 2018.- Славниот италијански режисер Бернардо Бертолучи почина на 77-годишна возраст. Роден е во италијанскиот град Парма, во уметничко семејство – татко му Атилио бил пејач и ценет историчар на уметност и филмски критичар. На 15-годишна возраст талентираното момче почнало да пишува па добил и бројни награди за литература, пред да заплови во водите на филмот. Бертолучи е познат по филмските класици „Последното танго во Париз“, „Конформист“, „Малиот Буда“, „Украдена убавина“, а за „Последниот император“ во 1987 година доби и „Оскар“ за најдобра режија. ###

Остани поврзан