• недела, 22 декември 2024

На денешен ден

На денешен ден
23 јуни 2022 (МИА) 1501.- Португалскиот морепловец Педро Кабрал се вратил во татковината од патувањето кога Бразил го прогласил за посед на Португалија. 1633.- Судот во Рим, составен од црковни лица, го осудил Галилео Галилеј на доживотна робија, а неговите дела ги забранил како опасни за христијанскиот свет. Тој работел на откривањето на тајните од областа на астрономијата. Во 1608 година го конструирал првиот телескоп со кој дошол до нови сознанија за движењето на Земјата и на другите планети. 1668.- Во Неапол е роден Џовани Батиста Вико, италијански филозоф. Се смета за основач на филозофијата на историјата како научна дисциплина и на психологијата на културата. Умрел во Неапол, на 21 јануари 1744 година. 1870.- Во селото Козица е роден Јордан Силјанов Пиперката, еден од најхрабрите и најпопуларните револуционери и војводи од времето на Илинденската епопеја, учесник на Смилевскиот конгрес во мај 1903 година и непосреден учесник во славното Илинденско востание. На 1 август 1903 година, во Церско Поле, Демирхисарско, паднал во заседа на турската војска, и тука, откако бил ранет, последниот куршум го испукал во себе и не се предал жив во рацете на непријателот. 1889.- Родена е Ана Андрејевна Горенко, подобро позната како Ана Ахматова, руски модернистички поет и една од најценетите руски писатели. Опусот на Ахматова опфаќа корпус од кратки лирски песни до комплексно структурирани циклуси, како Реквием, нејзиното трагично ремек-дело за сталинистичкиот терор. Нејзиниот стил бил неверојатно оригинален и препознатлив за нејзините современици. Нејзината работа била осудена и цензурирана од сталинистичката власт и таа е позната по изборот да не емигрира и да остане во Русија, како сведок на злосторствата околу неа. Починала на 5 март 1966 година. 1894.- Роден е англискиот крал Едвард Осми, кој на престолот застанал во 1936 година, но од круната се откажал истата година под притисок на владата и парламентот, поради стапување во брак со Американката Волис Симпсон која зад себе веќе имала два брака, во корист на помладиот брат Џорџ Шести. Потоа, до смртта во 1972 година живеел во странство, под титулата војводата од Виндзор. 1915.- Во Прилеп е роден Кузман Јосифовски - Питу, народен херој на Македонија. Бугарската полиција го убила во Скопје, на 25 февруари 1944 година. 1947.- Во САД е усвоен Тафт-Хартлиевиот закон, со кој било ограничено правото на работниците да организираат штрајкови, а синдикатот бил принуден да ги исклучи прокомунистичките раководители. На шефот на државата му било дадено право на 80 дена да ги суспендира сите штрајкувачки акции кои биле оценети како опасни за националната безбедност. 1956.- Полковникот Гамал Абдал Насер бил избран за претседател на Египет. 1970.- Студентите во Токио се судриле со полицијата во големите демонстрации против продолжување на американско-јапонскиот „Пакт за безбедност“. 1980.- Управувајќи авион загинал Санџај Ганди, син на шефот на индиската влада Индира Ганди, за кого се верувало дека ќе ја наследи во врвот на индиската политичка сцена. 1985.- Во авионот „Боинг 747“ на компанијата „Ер Индија“, на линијата Торонто - Бомбај, над Атланскиот Океан експлодирала бомба што ја подметнале терористи Сики, усмртувајќи ги сите 329 патници и членови на екипажот. 1994.- Јужна Африка по децении меѓународна изолација поради политиката на апартхејд  се вратила во Генералното собрание на ОН. 1995.- Во Ла Џола, во САД, умрел Џонас Салк, американски микробиолог, кој во 50-те години на 20 век ја открил вакцината против детската парализа. Роден бил во 1914 година. 1995.- Во Скопје, во издание на ПНИД „СТЕП“ излегол првиот број на неделниот весник „Фокус“. 1996.- Умрел грчкиот државник и економски стручњак Андреас Папандреу, првиот социјалистички шеф на влада во Грција. Бил претседател на владата од 1981 до 1989 и од 1993 до јануари 1996 година, кога поради болест се повлекол од функцијата. 1999.- Во Скопје, во издание на ДОО „Мост“ излегол првиот број на дневниот весник „Утрински весник“. Весникот престана да излегува во мај 2017 година. 2001.- Во близина на гробиштата меѓу селата Брњарци и Арачиново, Скопско, од нападите на албанските терористи животот го загубиле тројца припадници на МВР на Република Македонија. 2001.- Двата борбени авиона „сухој 25“ на македонската воена ескадрила, управувани од пилоти на АРМ, ги извршиле првите извидувачки дејствија над македонското небо. 2005.- Пратениците во Парламентарното собрание на Советот на Европа во Стразбур ја усвоиле Резолуцијата за укинување на ограничувањето на правото на глас, со која земјите-членки на Советот на Европа треба да им овозможат на граѓаните кои живеат во странство да гласаат на националните избори. 2016.- Починала легендата на македонскиот радио и телевизиски хумор Емин Унџел, алијас Селим Селими. Тој ќе остане препознатлив по улогата во популарната хумористична радио-емисија „Хихирику“, што се емитуваше на Македонското радио, како и по бројни ТВ проекти во 80-те и 90-те години од минатиот век. 2016.- Мнозинството Британци на референдум се изјасниле за истапување на Велика Британија од ЕУ. Според резултатите од преброените гласови од сите избирачки окрузи, 17.410.742 избирачи или 51,9 отсто се изјасниле за излез на Велика Британија од ЕУ, додека 16.151.241 или 48,1 проценти гласале за останување на земјата во Унијата. Одѕивот на референдумот бил 71,8 отсто, што претставува највисока излезност на некое гласање во Велика Британија од парламентарните избори во 1992 година. ###

Остани поврзан