• недела, 22 декември 2024
На денешен ден
1 ноември 2022 (МИА)   1500.- Роден е италијанскиот вајар (златар) Бенвенуто Челини, чија автобиографија „Животот на Бенвенуто Челини пишуван со сопствена рака“ е значаен документ за културната историја на неговото време. Го напишал „Трактатот за вајарство“, изработил голем број скулптури и големи рељефни формати. 1755.- Во катастрофалниот земјотрес што го зафатил Лисабон загинале 60.000 луѓе. 1757.- Роден е италијанскиот вајар Антонио Канова, најголем мајстор на италијанскиот класицизам, кој влијаел врз целокупното европско вајарство. Дела: „Амор и Психа“, „Паолина Боргезе како Венера“, „Персеј“, „Три Грации“, спомениците на папата Клемент XII и Клемент XIV, Наполеоновата биста. 1801.- Во Катанија е роден Винченцо Белини, италијански оперски композитор. Тој е творец на италијанскиот оперски стил, наречен белканто. Најпознати му се оперите: „Норма“, „Месечарка“, „Пуританци“, „Капулети и Монтеки“ и други. Умрел на 24 септември 1835 година. 1813.- Во Његуш е роден Петар Петровиќ-Његош, владика и владетел на Црна Гора, еден од најголемите црногорски поети. Како владетел ги средил политичките состојби во земјата, организирал судови, вовел данок, формирал сенат, го изградил првото основно училиште и формирал печатница во 1834 година. Познати се неговите епови: „Луча микрокозма“, „Шќепан Мали“ и „Горски венец“, најдоброто негово дело кое е преведено на сите европски јазици. Умрел во Цетиње, на 31 октомври 1851 година. 1871.- Во селото Лабуништа, Струшко, е роден Анѓелко Крстиќ, македонски романсиер, раскажувач, драмски автор и учител. Најпознат е по романот „Трајан“. Умрел во селото Лабуништа, на 6 мај 1952 година. 1886.- Во Белград била основана Српската академија на науките. 1892.- Во Москва е роден Александар Александровиќ Алехин, руски шаховски велемајстор, еден од најголемите мајстори во историјата на шахот. Бил светски првак од 1927 до 1935 година и од 1937 до 1946 година. Умрел на 24 март 1946 година. 1928.- Во Турција арапското писмо било заменето со латиницата. Тоа е дело на прозападните реформи на основачот на модерна Турција Кемал Ататурк. 1936.- Италијанскиот фашистички диктатор Бенито Мусолини го објавил основањето на Оската Рим - Берлин. 1945.- Австралија била примена за член на Обединетите нации. 1945.- Британија официјално соопштила дека според сите траги и индикации Адолф Хитлер, најверојатно извршил самоубиство во својот бункер во Берлин. 1946.- Обединетите нации го формирале Меѓународниот фонд за помош на децата (УНИЦЕФ). 1952.- Американците ја активирале првата пробна хидрогенска бомба на островот Ениветок во Пацификот. 1954.- „Револуцонерниот комитет за единство на Алжир низ акција“, кренал вооружено востание против француската колонијална власт. Борбата на алжирскиот народ за слобода траела осум години и завршила со ослободување од колонијалниот режим. По тој повод 1 ноември бил прогласен за национален празник на Алжир. 1972.- Умрел американскиот писател Езар Паунд. Врвен поет и еден од втемелувачите на поетската имажинистичка школа. Јавно ја искажувал поддршката на италијанскиот фашизам, па во 1945 година му било судено за велепредавство. Бил прогласен за психички болен и 13 години поминал во установа од затворен тип, но никогаш не се покајал и ги задржал своите екстремни верувања. Негово ремек дело е поетскиот циклус „Кантос“, исклучително сложено и тешко четиво, составено од низа независни песни, кое било објавено во 1972 година. Објавил и критички книги: „Духот на романтиката“, „Критички есеи“, „Како да читаме есеи“, „Џеферсон и/или Мусолини“. 1973.- Од станицата во населеното место Трубарево, Скопско, тргнал првиот електричен воз во Македонија. 1987- Кинескиот лидер Денг Сјаопинг формално се повлекол од сите функции во владејачката Комунистичка партија. 1995.- Во американскиот град Дејтон започнале преговорите за Босна и Херцеговина. По три недели мировниот договор го прифатиле претседателите на Србија и Хрватска, Слободан Милошевиќ и Фрањо Туѓман, и лидерот на босанските муслимани Алија Изетбеговиќ. 1995.- Во Скопје умрел Васил Иљоски, македонски драмски писател, есеист, критичар и книжевен историчар. Најпознати негови дела се пиесата „Бегалка“ и комедиите „Чорбаџи Теодос“ и „Свадба“. 1998.- Република Македонија станала 24-та членка на Европската организација за безбедност на воздухопловната навигација - ЕУРОКОНТРОЛ со седиште во Брисел. 2000.- СР Југославија била примена во Обединетите нации како 190-та членка, иако поранешната СФР Југославија била еден од основачите на организацијата на ОН. 2002.- Македонското Собрание со 72 гласа „за и 28 „против“ ја избрало новата Влада на Република Македонија, предводена од Бранко Црвенковски. 2006.- Умрел американскиот писател Вилијам Стајро, добитник на Пулицеровата награда за книгата „Исповеди на Нет Тарнер“, и автор на книгата „Изборот на Софија“ чија екранизација е наградена со Оскaр. 2013.- Во 69-та година од животот почина македонскиот актер Владимир Светиев. Светиев, роден во 1945 во прилепското село Светомитрани, бил еден од најекспонираните македонски актери и долгогодишен првенец на Македонскиот народен театар. Тој е меѓу 15-ината студенти на Илија Џувалековски, дипломирал во 1971 на Академијата за театар, филм, радио и телевизија во Загреб, каде што легендарниот професор организирал наставен модел кој им овозможил предметите Актерска игра и Сценски говор со техника на глас да ги учат на својот мајчин јазик. Одиграл шеесетина улоги и во историјата на македонското актерство е впишан како еден е од најнаградуваните: добитник е на дури пет награди за најдобри театарски остварувања на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп (1977, 1988, 1990, 1991 и 2002), на наградата „Војдан Чернодрински“ за животно дело (2012) и на наградите „11 Октомври“ и „13 Ноември“.   ###

Остани поврзан