• среда, 18 декември 2024
На денешен ден
15 декември 2020 (МИА) - Ден на есперантската книга 37.- Роден е римскиот цар Нерон Клавдиј Цезар Август Германик, еден од најконтроверзните владетели во историјата на Римското царство. На престолот во 54 година го донесла неговата мајка Јулија Агрипина Помладата, која претходно го отрула царот Клавдиј, на кого му била четврта жена. 1675.- Умрел холандскиот сликар Јан Вермер, кој се вбројува меѓу најголемите уметници во историјата на сликарството иако изработил само околу 40 слики. Најчесто работел фигури во ентериер, а неговите композиции се одликуваат со хармоничност, духовност и поетичност, математичка точност, блескав колорит и светлина. Дела: „Жена со писмо“, „Девојката со ѓерданот“, „Во атеље“, „Млекарка“, „Час по музика“, „Девојката со турбанот“, „Поглед на Делфт“, „Уличката во Делфт“. 1711.- Во Копенхаген избила епидемија на чума, усмртувајќи илјади животи. 1806.- Францускиот цар Наполеон Први влегол со трупите во Варшава. 1832.- Роден е Александар Густаф Ајфел, француски инженер и градител на познатата Ајфелова кула во Париз која е висока 320 метри. Позната е и неговата конструкција на Статуата на слободата на влезот во њујоршкото пристаниште. Умрел во 1923 година. 1840.- Ковчегот со посмртните останки на францускиот цар Наполен Први бил положен во „Домот на инвалидите“ во Париз, 19 години по неговата смрт на островот Света Елена. 1852.- Роден е францускиот физичар Антоан Анри Бекерел, пронаоѓач на радиоактивниот зрак (Бекерелови зраци), добитник на Нобеловата награда за физика во 1903 година. Во негова чест мерната единица за радиоактивност била наречена „бекерел“. 1859.- Роден е полскиот лекар и филолог Лазар Лудвиг Заменхоф, творец на меѓународниот јазик есперанто. Првиот учебник на тој јазик го објавил во 1887 година, под псевдонимот д-р Есперанто (оној кој се надева). Есперанто не стана меѓународен јазик во пошироката употреба како што се надеваше неговиот творец, но е најважниот и најраширениот од сите вештачки јазици. 1890.- Убиен бил индијанскиот поглавар „Бикот што седи“, водач на племето Сијукс, врз основа на наредбата на повереникот на владата на САД во резерватот во Јужна Дакота. Го предводел сојузот на племињата, познат како „Дакота“. Се борел против бруталната политика на САД која систематски се спроведувала врз Индијанците. Тој бил најзаслужен за победата на неговите сонародници во битката кај Литл Биг Хорн во 1876 година кога бил уништен дел од Седмата коњичка дивизија под команда на Џорџ Кастер. 1897.- Умрел францускиот писател Алфонс Доде. Пишувал романи, драми и новели. Дела: „Сафо“, „Нума Руместан“, „Бесмртник“. 1910.- Во селото Горно Борди, Серско, е роден Михаил Сматракалев (познат под псевдонимот како Ангел Жаров), македонски револуционер, публицист и писател, еден од основачите на Македонскиот литературен кружок во Софија (1938 - 1941), од 1992 година почесен член на Друштвото на писателите на Македонија. Во 1935 година од печат излегла неговата прва и единствена објавена поетска книга на македонска тема „Бура над родината“. Автор е и на делата „Македонскиот литературен кружок“, „Модрите широчини на татковината“ и „На македонски теми“. Умрел во Софија, на 16 април 1998 година. 1938.- Загинал рускиот пилот Валериј Павлович Чкалов испробувајќи го новиот тип на авион-ловец. Тој се прославил со многу потфати, вклучувајќи го и прелетувањето преку Северниот пол. Во 1937 година го извел летот преку најсеверната точка на земјата без спуштање, прелетувајќи со авионот „Ан-25“ за 64 часа и 25 минути 12.000 километри од Москва до американскиот град Ванкувер кај Портланд, а со тоа поставил светски рекорд. Во чест на тој сензационален лет, во Ванкувер му бил подигнат споменик и посветен музеј. 1945.- Во селото Нестрам, Костурско, грчките власти извеле пред суд 61 Македонец, бидејќи своите деца ги учеле да пишуваат и да читаат на свој мајчин македонски јазик. 1945.- Симфонискиот оркестар на денешната Македонска филхармонија го одржал својот прв симфониски концерт. 1946.- Во Скопје започнале првите предавања на Филозофскиот факултет. Основањето на Филозофскиот факултет претставувало значаен настан за целокупната културна преродба на македонскиот народ, израз на стремежите на македонскиот народ, што побрзо да ја надмине заостанатоста наследена од минатото. Наставата на филозофскиот факултет била тесно сврзана со науката и затоа тој бил и останал силен двигател на научната мисла во општествените науки сврзани со македонскиот национален дух и неговата историја. 1961.- Судот во Ерусалим го осудил на смрт нацистичкиот злосторник Адолф Ајхман, одговорен за смртта на повеќе стотици илјади невини цивили во Втората светска војна. 1964.- Собранието на Канада го прифатило новото национално знаме - црвено бело во водорамни полиња при што на централното бело поле се наоѓа црвен јаворов лист. Знамето било општоприфатено како симбол на Канада. 1970.- На Венера се спуштил советскиот вселенски брод „Венера 7“ од кој сигналите стигнувале само неколку минути и кои дале одговори на многу прашања. 1978.- Претседателот на САД Џими Картер соопштил дека неговата земја од 1 јануари 1979 година ќе воспостави дипломатски односи со Кина, а односите со Тајван ќе ги прекине. 1989.- Собранието на Панама го именувало за претседател на владата генералот Антонио Нориега, поранешен штитеник на САД, и прогласило дека Панама „е во воена состојба“ со САД. 1991.- Пред египетското пристаниште Сафага потонал фериботот „Салем Експрес“ удирајќи во корален гребен, усмртувајќи 474 патници. 1991.- Во Скопје, во Гранд хотел „Скопје“, за првпат се одржала манифестацијата за избор на најубава Ромка во Република Македонија. Титулата најубава ја понесла Лиза Јашарова. 1993.- Во Њујорк умрела Мирна Лој, американска филмска актерка. Имала остварено улоги во повеќе од 120 филмови. Родена била на 2 август 1905 година. 1997.- Умрел Илија Црвенов, оперски пејач, првенец на Операта при Македонскиот народен театар и еден од доајените на македонската оперска уметност. Роден бил во 1937 година. 1999.- Во Собранието на Република Македонија била извршена свечена инаугурација на новиот (втор по ред по осамостојувањето, по Киро Глигоров) претседател на Република Македонија - Борис Трајковски. 2000.- Украинскиот претседател Леонид Кучма наредил да се затвори нуклеарната електрана во Чернобил во која 14 години претходно се случил најголемиот инцидент во историјата на нуклеарните централи. 2004.- На југот на Франција свечено бил отворен највисокиот друмски мост во светот „Мијо“, чиј највисок столб има 340 метри. Мостот, долг два километра, е заеднички француско-британски проект. 2006.- Јапонија за првпат по поразот во Втората светска војна добила Министерство за одбрана. До оваа одлука јапонската влада во својот состав имала само Агенција за одбрана, формирана во очи на Корејската војна во 1954 година. Непосредно по капитулацијата во 1945 година, на Јапонија и било строго забрането да поседува вооружени сили. 2011.- Поранешниот француски претседател Жак Ширак бил осуден на две години условна казна затвор во аферата со лажни фиктивни вработувања во градската администрација на Париз, додека тој бил градоначланик на француската престолнина. Седумдесет и седум годишниот Жак Ширак бил првиот поранешен француски претседател осуден во корекционален суд. Тој бил отсутен од судењето поради здравствени проблеми. 2018.- На 48-годишна возраст ненадејно почина градоначалникот на Охрид проф. д-р. Јован Стојаноски. Јован Стојаноски беше професор на факултетот за туризам и угостителство во Охрид, а градоначалничката функција ја вршеше од 20 октомври минатата година, после победата во првиот круг од Локалните избори. Стојаноски беше роден на 7 август 1970 година во Охрид. ###

Остани поврзан