• четврток, 11 април 2024

Награди за вината на „Тиквеш“ на „Мундус Вини 2024“

Награди за вината на „Тиквеш“ на „Мундус Вини 2024“

Скопје, 28 февруари 2024

Винарската визба „Тиквеш“ ја започна сезоната на интернационални вински натпревари за оваа година постигнувајќи исклучителен успех на еден од најпрестижните и најкредибилните светски вински натпревари - „Mundus Vini 2024“. На пролетното издание на овој натпревар, „Тиквеш“ освои 2 специјални награди, 6 златни и 1 сребрен медал.

Виното „Bela Voda white 2022“ ја освои наградата „Best of Show North Macedonia white“, како и златен медал, додека виното „Bela Voda red 2021“ го освои медалот „Grand Gold“. Дополнително, уште 6 вина освоија златни медали и тоа: „Bela Voda white 2022“, „Domaine Lepovo Chardonnay 2022“, „Bela Voda red 2015“, „Barovo red 2021“ произведен во винарницата „Крњево“, „Babuna red 2022“ и „Alexandria Cuvée red 2022“, а виното „Luda Mara White Cuvée“, кое наскоро треба да се појави на пазарот, освои сребрен медал.

„Постигнатиот успех на вината на „Тиквеш“ на „Mundus Vini 2024“ претставува своевиден репер и предвесник за она што ќе следува и на останатите натпревари оваа година, што ќе придонесе за посакуваното позиционирање на нашите вина на пазарите. Овие награди нѐ прават особено горди, затоа што тие се уште една верификација за нашата долгорочна развојна стратегија која се темели на производство на вина од специфични микролокации, со врвен квалитет и автентичност“, изјави генералната директорка на „Тиквеш“, Бранка Славеска.

Освоените награди на овој реномиран светски вински натпревар се сметаат за исклучителен успех, со оглед на строгите правила за тестирање и на големиот број пријавени вина од целиот свет, што секоја година надминува над 12.000. Според пропозициите на натпреварот, вкупниот број на наградени вина е строго ограничен. Наградените вина на „Tikveš Châteaux & Domainеs“ се меѓу 64-те вина кои ова година добиле голем златен медал, 1.727 вина кои освоиле златни и 1.183 вина со сребрени медали. Ваквиот податок уште еднаш потврдува дека винарската визба „Тиквеш“, во светски рамки е еден од најнаградуваните производители на вино од нашиот регион.

Секоја година вината на „Тиквеш“ освојуваат повеќе од 100 награди и признанија на реномирани меѓународни вински натпревари.

 

Винарска визба „Тиквеш“

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

 

Остани поврзан