• петок, 10 мај 2024

МФ: Потврда од ММФ за фискалните политики, одобрен прегледот на ПЛЛ програмата

МФ: Потврда од ММФ за фискалните политики, одобрен прегледот на ПЛЛ програмата

Скопје, 20 јануари 2024 (МИА) - Република Северна Македонија со силна посветеност на остварувањето на амбициозната реформска агенда ја задржа макроекономската и финансиската стабилност, ги оствари сите поставени цели и според Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), продолжува да ги исполнува критериумите за пристап до ПЛЛ програмата (Линија за претпазливост и ликвидност) што се доделува само на економии кои имаат здрави макроекономски фундаменти.    

Ова, како што денеска соопшти Министерството за финансии, е заклучокот на ММФ за член IV и првиот преглед за Линијата за претпазливост и ликвидност. Со ова на земјата и се ставаат на располагање за користење 200 милиони долари, во рамки на веќе одобрениот пакет од вкупно 530 милиони евра во 2022 година во рамки на инструментот ПЛЛ. Првата транша од 110 милиони евра е повлечена во текот на 2022 година и се очекува повлекување на втората транша од 155 милиони евра, додека останатите средства се обезбедуваат како превентива и резерва за потребите на земјата.

-Северна Македонија закрпенува од двојните шокови од Ковид-19 пандемијата и растот на цените на енергентите по инвазијата на Русија на Украина. Економската активност е придвижена од силен извоз и намален увоз поради енергентите, кој се очекува да зајакне во 2024 година. Планираниот раст во јавните инвестиции, што започна со почетокот на изградба на автопатите на Коридорите 8 и 10д, понатаму ќе го поддржи закпренувањето. Инфлацијата иако останува предизвик, но постепено се намалува, се наведува од страна на ММФ.

Од ММФ посочуваат дека е исполнет таргетот за намалување на дефицитот во 2023 година.

-Планираната фискална консолидација за 2024 година е насочена да го приближи буџетскиот дефицит до 3 проценти од БДП, што е согласно Законот за буџети, наведува Мисијата.

Линијата за претпазливост и ликвидност и помага на земјата во надминување на неизвесноста предизвикана од високата инфлација, руската инвазија на Украина и енергетската криза, а има влијание и врз обезбедување стабилност во финансирањето.

Програмата за ливидност и претпазливост е двегодишна програма што се заокуружува во ноември 2024 година и која обезбеди пристап на земјата до финансиски средства по поволни услови во износ од 530 милони евра.      

Инструментот за претпазливост и ликвидност на ММФ е воведен во 2011 година и е наменет за земјите членки на Фондот, коишто имаат докажани здрави економски основи и спроведуваат одржливи политики, стои во соопштението од Министерството за финансии. вг/бак/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан