• недела, 22 декември 2024

Муцунски: Ќе продолжиме да работиме на патот кон ЕУ и да испорачуваме резултати 

Муцунски: Ќе продолжиме да работиме на патот кон ЕУ и да испорачуваме резултати 

Брисел, 19 септември 2024 (МИА) - На денешните средби со претставниците на ЕУ ја афирмиравме посветеноста на новата Влада за продолжување по патот кон полноправно членство на земјата во Европската Унија, изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцински на крајот на работната посета на владината делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски на Брисел.  

- Ќе продолжиме да работиме афирмативно и позитивно и ќе продолжиме да испорачуваме резултати, бидејќи тоа е главната порака што ја даде ЕУ дека од нас очекуваат резултати во делот на владеењето на правото, борбата со корупцијата, доброто владеење и сите оние политики каде што имаме сериозни недостатоци во државата, истакна Муцунски. 

Тој посочи дека во тој правец е сето она конкретно и опипливо што го има направено Владата во последните помалку од три месеци, насочено кон исполнување на највисоките стандарди на ЕУ, како и она што таа го нуди како излезно решение за предизвикот кој го кочи процесот за фактичко откочување на пристапните преговори на земјата со Унијата. 

- Во таа смисла сметам дека денешниов ден беше многу успешен. Дијалогот со европските институции, а и со земјите членки ќе продолжи, додаде Муцунски. 

Во однос на т.н. „француски предлог плус“, односно усвојување на уставните измени со одложено дејство, Муцински посочи дека со претставниците на ЕУ се дискутирало и за дел од овие прашања и дека дијалогот продолжува. 

- Секако тоа што го зборуваме јавно, го зборуваме и на сите овие состаноци, а тоа е дека очигледно постои предизвик создаден од лоши одлуки носени во минатото. И ќе повторам, ние работиме прво на заштита на нашиот национален интерес за да имаме предвидлив пат кон полноправно членство, а второ и на заштита на политиката на проширување. Веруваме дека со добра верба, добра волја и конкретни решенија може да се најде излез од секој предизвик којшто постои, потенцира Муцински. 

Шефот на македонската дипломатија, заедно со министерот за европски прашања Орхан Муртезани, го придружуваа премиерот Мицкоски на денешните средби во Брисел со претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, со еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји и со првиот човек на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување (ГД НЕАР), Герт Јан Копман. Претходно, премиерот заедно со останатите лидери од земјите од Западниот Балкан присуствуваше и на работен ручек во организација на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.   

Муцински претпладнево имаше средба и со генералниот секретар на НАТО во заминување, Јенс Столтенберг, на која како што рече, му се заблагодарил од името на нашата држава за неговата посветеност во последните години кон обезбедувањето глобална безбедност и кон повисоки стандарди на одбраната, како и за сето тоа што го има направено за нас како држава, но и за Алијансата. 

- Нашата посветеност како кредибилна членка на НАТО ќе продолжи и ќе работиме само на надградување на сите оние позитивни процеси коишто Владата веќе ги покажува во своите први помалку од три месеци, додаде Муцунски. сп/аа/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан