• недела, 22 декември 2024

Муцунски: Несоодветно е партија која нема одговорност, да добие позиција претседател на влада

Муцунски: Несоодветно е партија која нема одговорност, да добие позиција претседател на влада

Скопје, 28 јануари 2024 (МИА) - Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски вели дека ВМРО-ДПМНЕ не гласала за техничката Влада затоа што смета дека е несоодветно партија која нема  одговорност кон јавноста и институциите, да добие позиција претседател на влада.

-  Ние сметаме дека и законски несоодветно, но и морално и етички несоодветно е претставник од ДУИ, следејќи ги низата скандали. Ќе набројам само два, на 100 метри од нас видовме како едно момче од 28 години го купи трговскиот центар „Соравија“. А, пред неколку недели видовме како претседател на локален огранок на ДУИ во моментов кога 30-тина авиони летаа над небото на Македонија влезе во кулата за авио контрола во нашата држава, критичен елемент на нашата безбедносна инфраструктура. Значи тоа е ДУИ, рече Муцунски за „Отворено студио“ на ТВ 21.

Според Муцунски, желбата за етнизација на состојбите во државата е тема која што ДУИ ќе сака да ја вметне и во изборниот период.

- Наместо да зборуваме за инвестиции, наместо да зборуваме за владеење на правото, наместо да зборуваме за ценење на луѓето врз основа на нивните успеси и индивидуални резултати и нивното образование, ние зборуваме за етнички прашања. А, тоа единствено им одговара на СДС и на ДУИ. Зошто само тоа на нив им одговара? Бидејќи не можат да се пофалат со ниту еден успех, рече Муцунски. бак/

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

 

Остани поврзан