• среда, 03 јули 2024

Муцунски: Владата на Северна Македонија ќе биде фокусирана на европските интеграции

Муцунски: Владата на Северна Македонија ќе биде фокусирана на европските интеграции

Луксембург, 24 јуни 2024 (МИА) - Новата Влада на Северна Македонија, предводена од премиерот Христијан Мицкоски, ќе биде силно фокусирана на евроинтеграциите на земјата, изјави денеска новиот министер за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски.

- Ќе бидеме силно фокусирани на испорачување на реформи. Реформи што ќе значат опоплив напредок, успех во владеењето на правото, борбата со високата корупција... Сето она што е потребно да ја направиме нашата земја вистинска европска приказна, рече Муцунски пред средбата на шефовите на дипломатиите на членките на ЕУ со колегите од земјите во регионот на Западен Балкан во рамки на Советот за надворешни работи (ФАК) што одржува во Луксембург.

Муцунски, чиј прв работен ден на оваа функција е денеска, рече дека дошол во Луксембург за да се сретне со министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ и заедно со своите колеги од Западен Балкан да потврди колку е важен процесот на европската интеграција за стабилноста на регионот.

- Ќе разговараме со колегите од земјите-членки на Европската унија за тоа што може ЕУ да направи, важноста на Планот за раст за Западен Балкан, кој ќе има сериозни позитивни фискални импликации за Западен Балкан. Веруваме дека ова е еден од форумите преку кои можеме заеднички да го забрзаме напредокот на целиот регион кон полноправно членство во ЕУ, рече Муцунски.

Тој додаде дека Скопје сака да напредува кон полноправно членство во ЕУ врз основа на вредностите и критериумите што ги бара самата ЕУ и дека смета оти процесот на европските интеграции не треба да биде оптоварен со билатерални спорови.

- Во таа насока ќе зборуваме во добра верба користејќи дијалог, користејќи ги алатките на дипломатијата за да постигнеме успех, кој ќе значи напредок на земјата, додаде Муцински.

Во Луксембург, во рамките на Советот за надворешни работи на ЕУ, ќе бидат разменети мислења за Западен Балкан, со учество на министрите за надворешни работи на Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Црна Гора и на Косово, беше соопштено претходно од Советот на ЕУ. об/сп/

Фото: Скриншот

Остани поврзан