• сабота, 15 март 2025

Муртезани: Се уште сме меѓу најподготвените држави во регионот за пристапување кон ЕУ

Муртезани: Се уште сме меѓу најподготвените држави во регионот за пристапување кон ЕУ

Скопје, 14 март 2025 (МИА) - Ние се уште сме меѓу најподготвените држави во регионот за пристапување кон ЕУ. Моето лично убедување е, а тоа го гледам и од системот со кој цело време работам, како и од моите секојдневни контакти во Брисел, дека ако во скоро време го решиме проблемот со Бугарија, во 2030 година потенцијално би можеле да станеме полноправна членка на ЕУ, рече вечерва министерот за европски прашања и главен преговарач со Европската Унија, Орхан Муртезани 

Муртезани во гостувањето на „Трилинг“ истакна дека процесот на пристапување во ЕУ нема да може да се заврши ако не се нафатиме да направиме сериозни реформи во правосудниот систем. Тој ја сподели бројката која, како што нагласи, сите ја знаат, дека само два отсто од граѓаните имаат доверба во правосудството.

-Тоа значи очајна потреба од ургентни реформи. Сите сигнали кои доаѓаат од Брисел се дека таму се неопходни реформски зафати, но тоа што Брисел сака да го види е одреденото политичко влијание во институциите, конкретно во правосудството, да не се заменува со друго политичко влијание. Сите такви загрижености треба сериозно да ги слушаме и да ги имаме предвид во нашите настојувавња за реформи во правосудството, напомена министерот.

Во врска со македонско-бугарските односи, Муртезани оцени дека најголемата пречка е недостигот на доверба. Земјава, рече, го направи првиот чекор и комуникација има, но треба да се спушти на институционално ниво и да се прошири. За внесувањето, пак, на Бугарите во Преамбулата на Уставот, тој е дециден дека формално правно таков чекор ќе се потегне кога во Собранието ќе има двотретинско мнозинство, но Македонија, потенцира, се залага процесот на проширување да го направи попредвидлив со оглед дека повеќе пати имавме искуство со редовни блокади што, нагласи, не прави многу повниматели. Според Муртезани, се што ќе значи дека процесот на преговори ќе заврши без да биде блокиран, за нас е добредојдено.

На прашањето до кога би можеле да бидат изгласани уставните измени, тој повтори дека Владата е подготвена да го потегне тоа ако добие сигнал дека процесот на преговри нема да биде блокиран. 

-Се уште сметам дека со Бугарија имаме безброј теми на кои можеме да соработуваме без притоа да зборуваме за уставните измени. Првиот чекор е воспоставување доверба која ќе создаде фундамент за градење идно решение. Без ваков пристап секој ќе седи на својата позиција и на тој начин ќе оневозможиме изнаоѓање заедничко решение, рече министерот.

Негов став е дека во текот на преговорите може да не блокира и друга членка, но во однос на се што е поврзано со реформите.

-Апсолутно да. Ако не ги спроведеме реформите успешно и да најдеме решение со Бугарија, нашиот процес ќе биде блокиран. Сепак, тоа ќе биде предизвикано од нас, а сите блокади досега не биле предизвикани од нас. Тоа што во Брисел е како преамбула „стриктно да, но коректно“ сме подготвени да го трераме и се што е поврзано со зајакнување на здравјето на демократијата, правната држава, економијата сме подготвени да го изодиме, но не и блокади кои не се предизвикани од нас и уште помалку, кои не се поврзани со процесот на преговори, подвлече Муртезани.

Во врска со „трампизмот“ и новата американска политика, Муртезани е дециден дека продлабочувањето на билатералните односи со САД не се косат со стратешките приоритети на нашата држава. мч/аа/

Фото: Принтскрин

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан